Деца со посебни потреби останаа без асистенти на училиште

Обука на образовните асистенти / Фото: Facebook/Мила Царовска

Проблемот се појави откако со новиот закон образовните асистенти треба да бидат вработени, а не како досега ангажирани за хонорар од 9.000 денари.

Почетокот на новата учебна година донесе нова неизвесност, грижи и стресови за децата со посебни потреби и за нивните родители. Голем број деца останаа без образовни асистенти, а без нив не можат да ја следат наставата.

– Моето дете, кое има аутистичен синдром, нема асистент, зашто неговиот го доделија на друго дете. Мојот син доживеа емотивен шок поради разделбата со асистентот. Со месеци се чека за детето да биде повикано на проценка. Ние чекаме од февруари, некои деца и подолго. Така е зашто комисијата за проценка на здравствената состојба на децата не си ја работи својата работа. Сметам дека ниту еден асистент не треба да потпишува договор за работа пократок од пет години – вели Елена Јакимовска-Павлеска.

Со истиот проблем се соочува и друго семејство од Скопје, кое го затекнавме пред просториите на МКФ.

– Ќерка ми е четврто одделение. Досега имавме асистент кој многу и помагаше, но оваа учебна година, токму кога почнуваат со нова наставна програма, нема асистент. А без него не може да ја следи наставата. Уште минатата учебна година се пријавивме за проценка и се уште чекаме да не викнат. Денеска одлучивме да дојдеме самоиницијативно, но не завршивме работа. Ни рекоа да си одиме, ќе не викнат – раскажува Мирјана Петровска.

Одговор за ненавременото обезбедување на образовни асистенти се обидовме да добиеме и од Службата за функционална проценка од каде не информираа дека раководителот Горан Петрушев е на пат, а без негово одобрение не смеат да даваат изјави.

До минатата година не беше потребна проценка, туку децата добиваа асистенти врз основа стручно мислење за дијагнозата. Проблемот се појави откако со новиот закон за образование образовните асистенти треба да бидат вработени, а не како досега ангажирани за хонорар од 9.000 денари.

Во Скопје има две тела за проценка, едното е во Домот за деца без родители а другото е во Заводот за рехабилитација на деца и младинци, каде што доаѓаат на проценка деца и од другите  градови, освен од Битола и Струмица.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека овие стручни тимови ќе вршат проценка се до отварањето такви центри во сите плански региони во земјата.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот