
Давос пред пресвртница: Светскиот економски форум во борба за сопствен опстанок
Светскиот економски форум (СЕФ), некогаш симбол на глобалната соработка, денес се соочува со криза на доверба, внатрепартиски конфликти и губење на влијанието што ја обликуваше светската економска агенда со децении, пишува Фајненшл тајмс (ФТ).
Препорачано
По низа обвинувања, внатрешни проблеми и заминувањето на основачот Клаус Шваб, угледот на Форумот и неговата иднина се ставени на тест пред самитот во јануари 2026 година.
Кризата избувна во август, кога на одборот на СЕФ му беше презентиран доверлив извештај од швајцарската адвокатска фирма Хомбургер. Истрагата вклучуваше повеќе од 100.000 е-пораки, десетици илјади документи и речиси 60 интервјуа со сегашни и поранешни вработени. Целта беше да се утврди дали Шваб (87) и неговата сопруга Хилде го претвориле Форумот во приватна империја и извор на сопствено збогатување.
Заклучокот беше јасен – нема докази за кривични дела, но беа откриени бројни неправилности: нејасни деловни трошоци, преплетување на лични и институционални интереси и слаба контрола на управувањето.
Шваб беше ослободен од обвиненијата, но остана без својата позиција и без почесна титула. Директорот на фондот „Блек Рок“, Лари Финк, и Андре Хофман од „Рош“ беа именувани за привремени копретседатели, додека одборот објави „ново поглавје“ кое треба да ја обнови мисијата на форумот – здружување на владите, бизнисите и граѓанското општество за „подобрување на состојбата на светот“.

Клаус Шваб, познат како „Господин Давос“, го изгради Форумот во институција со глобално влијание – од средби со државници до започнување иницијативи како програмата за вакцини на Бил Гејтс.
Сепак, светот што некогаш ја славеше глобализацијата денес се промени: протекционизмот, соперништвото меѓу големите сили и недовербата кон елитите ја еродираа основата врз која почиваше Давос.
Падот на моделот на Шваб, велат аналитичарите, исто така го одразува падот на самата ера на глобализација што го создаде Давос, објавува швајцарскиот информативен портал.
„Западот веруваше во сопствената моќ – таа ера е завршена. Мултиполарноста доаѓа, со форуми во Кина, Ријад и Аспен, додека европскиот Давос полека ќе ја изгуби својата важност“, оценува коавтор на книгите на Шваб, Тиери Малер.
Следниот самит, планиран за јануари 2026 година, би можел да ја одреди иднината на форумот. Темата на собирот „Дух на дијалог“ треба да ја нагласи потребата од дијалог во свет кој е сè пофрагментиран.
Привремениот копретседател на Форумот, Лари Финк, е лично вклучен во подготовките и се обидува да обезбеди присуство на клучни светски лидери и бизнис магнати. Меѓу приоритетите е покана до американскиот претседател Доналд Трамп, кој веќе двапати присуствуваше на форумот во својот прв мандат.