Дали патот на нафтата ќе се следи со нано честици во цистерните?

Нафта / Фото: EPA-EFE/Henry Chirinos

Ова е втор обид за воведување на системот за следење и контрола на дериватите и тутунските производи, откако првиот пропадна во 2021-та

Нано-честици во резервоарите со нафта и лепење на индивидуален ИД код на секоја кутија цигари се начините на кои низ земјите на ЕУ функционира системот за следење (Трак енд трејс), а кој најверојатно ќе се воспостави и кај нас. Владата ја разгледа и усвои Информацијата за воспоставување Систем за следење и контрола на тутунски производи и на Систем за следење и контрола на нафта и нафтени деривати – со препораки за начинот на имплементација во земјава.

-Системот за следење и контрола на тутунски производи, според информацијата од Министерството, има за цел да обезбеди следење и контрола на тутунски производи во сите фази на нивното движење, од производството, преку фазата на дистрибуција, до првото малопродажно место. Овој систем, за тутунски производи, во Европската Унија е регулиран со директива и регулативи коишто се задолжителни за примена во земјите членки на ЕУ и со коишто се имплементирани одредбите од Протоколот за елиминирање недозволена трговија со тутунски производи на СЗО – стои во владиното образложение.

За посетување, ова е втор обид за воведување на ваква контрола кај нас, откако во 2021, беше најавен од тогашниот премиер Зоран Заев. По бурните реакции во јавноста, проектот како да беше заборавен. Тој беше осмислен да се одвива преку јавно-приватно партнерство за воспоставување интегриран систем за управување, мониторирање, следење и контрола на акцизни добра и лекови со кој во иднина треба да се врши поефикасна наплата на данок, односно акциза. Според тогашните објави, цената на овој систем за следење ќе изнесуваше над 17 милиони евра. Пред две години се споменуваше и дека била изготвена физибилити-студија, во која стоеше дека вакви системи има во Гана, Кенија, Мозамбик, Албанија, Косово, Шри Ланка, Еквадор, Грција, Турција…

Европратеникот Денис Радке (ППЕ) пред новогодишните празници постави неколку прашања до ЕК, какви наоди за недозволената трговија произлегле од системот за следење? Меѓудругото Радке се интересирал дали Комисијата располага со податоци за илегалната трговија со традиционален тутун за луле, пури и цигарилоси, бурмут и традиционален тутун за џвакање во ЕУ и дали овие бројки може да го оправдаат воведувањето на скапиот систем за следење? Во одговорот на еврокомесарката за здравство Стела Киријакидис, меѓудругото стои дека системот за следливост на тутунот на ЕУ беше дизајниран да го следи движењето на тутунските производи пријавени од економските оператори вклучени во трговијата и дека не дава никакви информации за недозволена трговија со овие производи.

Првата фаза од ревидираната Директива на ЕУ за следливост на тутунските производи стапи на сила на 20 мај 2019 година. Оттогаш, сите цигари и ситно сечени пакувања тутун мора да носат специфичен код. За сите други тутунски категории, оваа обврска ќе стапи на сила до 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот