„Чудна шума“ ќе промовира два нови романи на писателката Кристина Краличин

Промоцијата ќе се одржи во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“

Двата нови романи „Денот пред да се стемни“ и „Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок“ на писателката Кристина Краличин, објавени во издание на „ИД-Концепт / Чудна шума“, ќе бидат промовирани на 15 февруари (четврток), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Промотори ќе бидат проф. д-р Ермис Лафазановски и Билјана Црвенковска.

Романот „Денот пред да се стемни“ е преплетена комбинација на панорамскиот, психолошкиот и љубовниот сегмент на животот што го придружуваат човекот по патот на неизвесноста, во потрагата по сопствената среќа.

Главниот лик на романот – Роберт Хил заминува да живее и работи во друга земја надвор од своето родно место, оставајќи го минатото зад себе во очекување да ја пронајде личната афирмација на професионален и приватен план.

Сепак, судбината не се одвива според неговиот план, таа има свој начин на презентирање нови животни предизвици во вителот на неочекуваните случувања и ситуации, што за Роберт Хил ќе претставуваат своевидно губење на личната слобода и разнишување на сопствената самодоверба. Тој првпат во животот ќе се судри со притисок наметнат од страна на неговиот работодавец и под силниот удар на мобингот ќе ја бара онаа страна на судбината што ќе може да го изведе надвор од душевните стеги.

„Денот пред да се стемни“

Романот „Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок“ е психолошки роман со хорор-секвенции, кој го пренесува најдлабокото скриено искуство на сценаристот Тери Милер, кој живее и работи во градот Остин во Тексас, Америка. При едно патување во градот Далас за снимање сцени за филмот на кој работи, доживува сообраќајна несреќа што комплетно ќе му го измести неговиот поглед на светот и на животот, а особено затоа што има жртва за која тој се обвинува себеси. Тери Милер ја започнува својата психолошка драма во која неговата свест бара начини да се избори со илузијата што му ја креираат неговите мисли.

Романот изобилува со богат книжевен речник, уметничко-литературен функционален стил на изразување во филозофскиот аспект на основните животни прашања, особено кога главниот лик се наоѓа во вклештениот простор помеѓу минатото и иднината, просторот на разбудените спомени од детството во кохезија со иднината што темелно ја визуализира за филмот „РЕМ – семиреалност во 5.000-та година“. Ова е експлицитен психолошки роман со индоктринирани испреплетени сегменти на научнофантастичен жанр.

„Последна шанса за втора клапа: сценариото на немиот сведок“

Кристина Краличин е книжевен глас кој ѝ припаѓа на најновата македонска генерација на писатели, со богата, стилски облагородена и автентична писателска нарација. Нејзините дела претставуваат многуслојна ризница на силни филозофски, психолошки и културолошки аспекти на животот, интерпретирани во повеќезначајна јазична структура.

Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за италијански јазик и книжевност и американски студии, прочувајќи ги италијанската и американската култура и книжевност. Авторка е на две стихозбирки, една збирка раскази и поезија на англиски јазик, која е преведена и објавена и на италијански јазик. Има објавено повеќе статии и колумни во италијански портал, како и серија мотивациски текстови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот