Четворица мртви во израелското бомбардирање на аеродромот во Дамаск

Фото: РТ

Меѓународниот аеродром во Дамаск повторно беше отворен по прекинот предизвикан од израелските воздушни напади во кои загинаа четири лица, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР). Ова е втор пат за помалку од седум месеци аеродромот во Дамаск, кој е дом на борците поврзани со Иран и либанското проиранско движење Хезболах, да биде надвор од функција поради израелските напади.

„Четири борци, од кои двајца сириски војници, беа убиени во израелското бомбардирање“, рече Рами Абдел Рахман, директор на СОХР, организација со седиште во Велика Британија.

Рахман не ја наведе националноста на другите жртви. Официјалната сириска новинска агенција Сана, повикувајќи се на воен извор, потврди дека двајца сириски војници биле убиени во напад во понеделникот во раните утрински часови.

„Израелскиот непријател изврши воздушна агресија со налет на проектили на меѓународниот аеродром во Дамаск и неговата околина“ и предизвика „смрт на двајца војници, ранети други двајца и материјална штета“, пишува агенцијата. Во соопштението неколку часа по нападот, сириското Министерство за транспорт објави дека аеродромот е повторно во функција и дека летовите ќе продолжат од 9 часот по локално време.

СОХР соопшти дека израелските напади биле насочени кон „Хезболах и проирански позиции во и околу аеродромот, вклучително и складиште за оружје“. Од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, Израел изврши стотици воздушни напади врз земјата, гаѓајќи ги позициите на сириската армија, проиранските сили и либанскиот Хезболах.

Израелските власти не ги коментираат нивните напади врз Сирија, но редовно тврдат дека нема да дозволат Иран да го прошири своето влијание во Сирија. На 29 декември, во Институтот за национална безбедност на Израел, израелскиот генерал Авив Кохави рече дека „армијата што Иран се обидува да ја воспостави на целиот Блиски Исток“ му се заканува на Израел и на светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот