Чешката заменик-амбасадорка Штајнер-Вотавова: Уставните измени се најсилниот аргумент за ЕУ

Анреа Штајнер Вотавова-Чешка заменик-амбасадорка / Фото: Слободен печат- Драган Митрески

Во прво ексклузивно интервју за домашната јавност, неодамна назначената заменик-амбасадорка на Република Чешка во Македонија, Андреа Штајнер-Вотавова, за „Слободен печат“ говори за пристапниот процес на земјава кон ЕУ, за уставните измени и за економската соработка меѓу двете земји. Штајнер-Вотавова вели дека Република Чешка секогаш ја поддржувала Македонија на нејзиниот пат до ЕУ и ќе продолжи да ја поддржува, а како најсилен аргумент пред европската јавност за нашиот пат кон ЕУ таа ги посочува уставните измени. Андреа Штајнер-Вотавова магистрирала европски студии на Факултетот за општествени науки на Карловиот универзитет во Прага, а нејзината дипломатска кариера главно била насочена на релациите Прага, ЕУ и Југоисточна Европа. Течно говори англиски и француски, а за македонскиот вели дека е третиот јазик што сака да го совлада што поскоро. За неа Македонците се гостопримлив народ.

Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, најдолго од сите чека на почеток на преговорите. По спорот со Грција, Бугарија ни застана на патот. Од денешна перспектива, како гледате на фактот дека патот на европската интеграција на земјата има уште многу пречки и услови?

– Прво, дозволете ми да се заблагодарам за оваа можност да ги искажам чешките погледи за многу прашања. Република Чешка секогаш ја поддржувала Северна Македонија на нејзиниот пат до Европската Унија и ќе продолжи да ја поддржува. Сепак, сите земји што сакаат да станат членки на ЕУ, потребно е да ги исполнат сите услови поставени од Унијата. Верувам дека сега сите услови се јасно поставени. Дозволете ми да истакнам дека Република Чешка секогаш била против вовлекување билатерални прашања во пристапните преговори на која било земја.

Заменик-амбасадорке, кој повеќе не успеа во мотото „ако вие испорачате, ние ќе испорачаме“ – Европската Унија или Македонија?

– Прво, дозволете ми да кажам дека не верувам дека „неуспех“ е вистинскиот збор. Европската Унија е успешен економски блок и многу важен играч во меѓународната средина. Им нуди многу придобивки на своите граѓани. Многу добро разбирам дека народот на Северна Македонија се чувствува изморено од долгиот процес на преговори. Сепак, сè уште верувам дека на крај, процесот, иако долг, ќе им донесе придобивки и на двете страни, и на ЕУ и на Северна Македонија. Се радуваме на денот кога Македонците ќе ја донесат својата богата култура и наследство во ЕУ. Успешното исполнување на зададените критериуми е клучно на патот кон ЕУ. Преку исполнувањето, земјите што пристапуваат, прават многу напори за реформи и со тоа го зголемуваат владеењето на правото и демократските институции, ја засилуваат економијата и го подигнуваат квалитетот на живот. Тоа е победа за сите.

Околу 80 проценти од граѓаните на Македонија се против уставните промени. Со кои аргументи Унијата ќе ги убеди дека сега тоа е навистина за нивно добро и повторно треба да се направат отстапки?

– Верувам дека најсилниот аргумент е дека сега условите се многу јасно поставени. Ако Северна Македонија ги направи уставните промени, ќе отпочнат пристапните преговори. Ова е најбитното нешто. Што и да следува понатаму, ќе се реши за време на преговорите и повторно сè ќе има јасни правила. Тоа ќе биде поповолен развој на настаните за Северна Македонија отколку што е сега. И повторно Република Чешка секогаш во Советот на ЕУ ќе биде против вовлекување на билатералните прашања во постапката на преговори. Република Чешка, исто така ја поддржува идејата за постепена интеграција, па граѓаните на Северна Македонија и на другите земји што пристапуваат, може да добијат некои придобивки од членството во ЕУ дури и пред да станат членки.

Што може ЕУ и нејзините членки да направат за да осигурат дека нашиот европски пат е сигурен, без негативни влијанија од Софија што би довеле до ново вето и блокади?

– На процесот на проширување на ЕУ, му е потребна едногласност. Оваа едногласност се постигнува со тешки разговори во Советот на ЕУ во Брисел. Сите земји имаат еден глас со иста тежина. Република Чешка е една од оние земји што секогаш ќе го поддржуваат напредокот врз основа на исполнетите услови и на сопствените заслуги на земјата. Ќе работиме со други земји истомисленички за да осигуриме дека секоја земја во процесот на пристапување точно се оценува врз основа на јасни правила на процесот на пристапување и на нејзината преговарачка рамка. Ова беше исто така целта на Чешкото претседателство со Советот на ЕУ минатата година.

Анреа Штајнер Вотавова-Чешка заменик-амбасадорка / Фото: ,Слободен печат’- Драган Митрески

Република Чешка долготрајно го поддржува стремежот на Македонија да пристапи кон ЕУ. Тоа особено се гледаше за време на Чешкото претседателство со Унијата преку иницијативите на Амбасадата во Скопје да организира конференции за добрососедски односи меѓу Бугарија и Македонија. Дали планирате други иницијативи за да ги приближите ставовите на двете земји и општества?

– Ви благодарам многу за ова прашање. Како земја што геополитички е поставена во Централна Европа, многу добро разбираме дека е потребно да се имаат добрососедски односи и да се помириме со заедничкото минато, колку и да е болно, за да можеме да погледнеме кон иднината. Во 1997 година со Чешко-германската декларација за заемните односи и нивниот иден развој го сторивме токму тоа. Не беше лесно ниту брзо, но го сторивме тоа. Подготвени сме да го споделиме ова искуство од нашето минато секаде и секогаш каде што би можело да помогне. За време на Чешкото претседателство со Советот на ЕУ, ја отпочнавме иницијативата да помогнеме во промоција на дијалогот меѓу граѓанското општество и медиумите на Северна Македонија и Бугарија. Оттогаш Амбасадата на Република Чешка во Скопје финансираше неколку проекти за овие прашања. И иницијативата веќе донесува добри резултати. Планираме да продолжиме со ова и веќе подготвивме поврзани проекти за постигнатите резултати да добијат цврсти корења и понатаму да се развијат.

Колку геополитичката констелација со војната во Украина, особено со давањето статус на земја кандидат на оваа земја и Молдавија, ќе влијае врз проширувањето на Западниот Балкан?

– Република Чешка поддржува балансиран пристап кон политиката на проширување на ЕУ во поглед на земјите од Западен Балкан и Украина и Молдавија. Војната во Украина даде импулс на политиките за пристапување на Украина и на Молдавија, но веруваме дека Западниот Балкан не може да седи настрана. Процесот на проширување на ЕУ е стратегиски важна политика што ја зајакнува безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа. Како таква, еднакво е важна за Западен Балкан, како и за Украина и Молдавија.

Што може да се подобри во економските односи меѓу Скопје и Прага, дали може да очекуваме чешки инвестиции во земјата?

– Чешките инвестиции се веќе тука. Да дадам конкретни примери: фирмата „Сивус“ е купена од чешката фирма „Арикома“. „Арикома“ е глобален ИТ-играч и е подготвена да го прошири регионалното портфолио преку „Сивус“ (неодамна ребрендиран во „Qinshift“). Ова носи многу можности за македонските и за албанските ИТ-специјалисти и во поглед на професионалноста, но и во поглед на платите. Оваа инвестиција во македонската регионална централа исто така го зголемува бројот на работни места со додадена вредност, што секогаш значително ѝ помага на економијата да расте. Друг пример е сега подготвуваниот концепт на Прашкиот центар за вид, што ќе биде најдобрата очна клиника во регионот, изградена заедно со врвни чешки специјалисти по офталмологија и со тоа ќе се подобри здравствената заштита во земјата. Ова се само два примера од многуте чешки инвестиции што сега се реализираат. Чешката амбасада ќе продолжи да помага во воспоставувањето контакти за чешките инвеститори.

Анреа Штајнер Вотавова-Чешка заменик-амбасадорка / Фото: Слободен печат- Драган Митрески

Заменик-амбасадорке, ова интервју го правиме во предвечерието на Националниот ден на Република Чешка. Како ќе го прославите?

– На 28 октомври ја прославуваме 105-тата годишнина од независната чехословачка држава. Амбасадата на Република Чешка во Скопје имаше многу ценети гости на 24 октомври во Националната опера и балет на Република Северна Македонија каде што одржавме концерт на пијано и прием. Главниот момент на вечерта беше официјалното предавање на пијано „Петроф“ на Операта од страна на амбасадорот г. Јарослав Лудва и сопственичката на „Петроф“, г-ѓа Зузана Петрофова. Чешката Амбасада ја координираше оваа донација со своите партнери. Исто така имавме изложба на фотографии од 14 чешки региони со посебен акцент на местата под заштита на УНЕСКО и серија фотографии од Влатко Деков под назив Прага Интима.

Кога зборуваме за места под заштита на УНЕСКО, кои места во Република Чешка ги сметате за најубави и ги препорачувате за посета?

– Република Чешка има илјадници прекрасни места, па тешко е да се изберат неколку. Има познати бањски региони како прекрасниот град Карлови Вари со светски познатиот филмски фестивал што се одржува секое лето. Но, секако морам да ја истакнам Прага „со илјада кули“ со најголемиот комплекс замоци во светот, Прашкиот замок. Всушност, Република Чешка е втора по број на замоци во светот. Тоа значи стотици прекрасни места како Чески Крумлов или Хлубока во Јужна Чехија, Карлштејн, Нелахозевес или Ветруси близу Прага, Леднице, Валтице, Микулов или Вранов на Дија во Јужна Моравија и така натаму. Кога зборувам за Јужна Моравија, ме потсетува да ги истакнам прекрасните винарници и белото вино од светски ранг што веќе доби многу златни медали на изложбите во Франција и во Германија. Но, секако, најмногу сме познати како народ на пивото. Може да си го изберете најомиленото од една од 660-те пивници. И тукушто разбрав дека и пивото „скопско“ за првпат било направено заедно со чехословачки инженери пред сто години. Сметам дека ова е уште еден одличен пример за плодоносна соработка меѓу двете нации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот