Центар ќе „покрива“ 30 отсто од трошокот за поправка на покриви и лифтови

Управителите на згради и заедниците на станари од зградите во општина Центар, кои се постари од 15 години, ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка за поправка и санација на постојните покриви и лифтови до локалната власт.

Општина Центар го распиша Јавниот повик кој, како што информираат, се однесува за поправка на лифт за кој со технички преглед, извршен од овластено акредитирано независно правно лице, е утврдено дека е технички неисправен или за модернизација на лифтови и нивно усогласување со безбедносните барања и подобрување на безбедноста на постојните лифтови во согласност со Законот за техничка инспекција и Правилникот за користење лифтови и транспортери.

Финансиската поддршка за реконструкција на покриви и кровни покривки е насочена кон замена на постојните азбестни салонитни покривки со еколошки на колективни станбени објекти и реконструкција на рамни проодни и непроодни тераси под услови што се наведени во Јавниот повик.

Проектот се поддржува со финансиски средства од Буџетот на Општина Центар, во висина од 30 отсто од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150 000 денари за секоја одобрена апликација за реконструкција на постојни кровни конструкции и не повеќе од 300 000 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација, поднесена од заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од управител на станбени згради или од заедница на сопственици.

Сопствениците на посебни делови треба да ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 70 отсто од вкупниот износ од вредноста за реконструкција на постојни кровни конструкции и поправка и санација на лифтови – се вели во повикот.

Јавниот повик ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“, а ќе биде отворен до 7 јули 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот