Цената на струјата ќе ја прегрее енергетската сиромаштија

Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Од изјавите на претставниците на Владата е сè поизвесно дека за неполни два месеца и домаќинствата ќе имаат нова цена на електрична енергија. Колку ќе биде зголемувањето, допрва треба да се направат пресметките, но уверувањата од министерот за економија Крешник Бектеши се дека „тоа нема да биде такво зголемување како што тврдат некои експерти и особено претставници на опозицијата“.

Од Министерството за економија, во изјава за „Слободен печат“ велат дека ако треба, подготвени се со ваучери да му помогнат на населението да го амортизира ценовниот шок.

– Доколку е тоа потребно, како што и претходно беше посочено од премиерот Заев, подготвени се посебни пакети како ваучери за домаќинствата кои од економско-социјален аспект ќе ја компензираат евентуалната разлика во цената како инструменти за поддршка на граѓаните – изјавија од Министерството.

Оттаму појаснија дека во Владата е формирано работно тело во врска со енергетската криза.

– Неочекуваниот ценовен шок на струјата отвори нови предизвици, на кои во последниот период сме максимално концентрирани. Реакцијата е неопходна затоа што ефектите од енергетската криза веќе се чувствуваат во нашата економија. Во Владата се формира работно тело со претставници од повеќе  ресори, кое треба да одлучи дали и како ќе бидат поддржани засегнатите од оваа енергетска криза. Во зависност од потребите, работниот тим ќе дефинира конкретни мерки – велат од Министерството.

Но, какво и да биде поскапувањето, тоа ќе биде нов удар за кревкиот стандард на граѓаните. Статистичките податоци за затоплувањето во зима и сега се поразителни. Според последното истражување за потрошувачката на енергенти во домаќинствата, а кое се однесува за 2019 година, просечната површина на живеалиштата на домаќинствата во Македонија изнесуваше 84,3 квадратни метри, при што домаќинствата загреваат околу половина од површината, односно 45,4 квадратни метри.

Официјално, групата граѓани што се соочуваат со енергетската сиромаштија ја сочинуваат над 44.000 домаќинства и тие примаат додаток од 1.000 денари. Иако подолго време се работи на тоа оваа група да се прошири со нови корисници на додатокот за затоплување, такво нешто не се предвидува за оваа година.

– Формирана е работна група за проширување на опсегот на ранливите потрошувачи на енергија и се разгледува можноста да се вклучат дополнително нови мерки за поддршка на потрошувачите, конкретно за електрична енергија. Новитетите би биле вклучени во Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија во наредната година – велат од Министерството за економија.

Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека додатокот за енергетска сиромаштија го примаат две категории население.

Првата е онаа група граѓани што примаат гарантирана минимална помош. Такви граѓани, односно домаќинства има 35.281. Овие граѓани сега не земаат субвенции за загревање само во периодот од октомври до март, како што беше претходно, туку со направените законски измени во 2020 година, поради пандемијата, енергетскиот додаток им следува во текот на целата година.

Во втората група влегуваат 9.446 корисници на таканаречената социјална пензија од 6.000 денари.

– За овие корисници износот на правото се зголемува за 1.000 денари  месечно во текот на шесте зимски месеци за покривање на трошоците за греење за месеците од октомври до март – велат од Министерството.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот