Бугарија и Грција чекор поблиску до заедничка нуклеарна централа

Нуклеарната централа Козлодуј/ Фото МИА.мк

Двата непосредни македонски соседи Бугарија и Грција се чекор поблиску во постигнување на прифатливо решение за изградба на заедничка нуклеарна централа. Според пишувањата на бриселските медиуми овие преговори на двата наши соседи се уште се во почетна фаза.

Идејата за заедничка нуклеарна централа да се гради во Бугарија прв ја објави бугарскиот вицепремиер и министер за финансии Асен Василев по враќањето од неговата посетата на Грција на 22 февруари, каде тој на темава се сретна со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Во меѓувреме, Атина и Софија допрва ќе треба да изготват експертската студија која според некои проценки би траела и до година дена.

Во изјава за медиумите Асен Василев истакнал дека нуклеарната централа треба да се гради исклучително брзо, бидејќи има купувач за струја, со што се елиминира деловниот ризик. Но, експертите проценуваат дека не може да се изгради побрзо од минималниот рок од шест до осум години, а цената се’ уште е недефинирана.

Проблемот е што Бугарија во сегашните околности не може да ги инсталира двата купени руски нуклеарни реактори. Нивното поставување не е можно без руско учество, а тоа е спречено поради војната во Украина и воведените санкции.Економската студија на британската банка ХСБЦ, подготвена за проектот на втората нуклеарна централа во Бугарија во 2012 година, покажала цена од 10 милијарди евра.

Атина ги интензивира истражувањата за природен гас на шест локации

Од друга страна властите во Атина, денеска најавија дека во тек се активности за забрзување на истражувањата за природен гас, за кој државата верува дека е возможно да ги засити нејзините потреби за енергенси.

На оваа тема грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис истакна дека можно е Грција да поседува значителни количини на природниот реусрс врз основа на прелиминарните студии, како на копно, така и во море.

– Мораме како земја со сигурност да знаеме дали има резерви на гас кои се економски исплатливи. Ова сигурно ќе го знаеме на крајот на 2023 година и потоа ќе донесеме одлуки за тоа што ќе правиме понатаму – рече Мицотакис.

Тој истакна дека „секоја криза претставува и можност”, објаснувајќи дека во пракса, постепеното ослободување од зависноста од рускиот природен гас значи и зголемување на снабдувањето од алтернативни извори преку ЛНГ и други гасоводи, но и зголемување на капацитетите за складирање на течниот природен гас.

Во својот осврт на регионалните случувањата аналитичарот Синиша Пекевски за Слободен печат коментира дека соседните држави во моментов со голема динамика се обидуваат да изнајдат решение на енергетската криза, која е несакана последица од војната во Украина и која му се заканува на Балканот и на нашата земја.

Синиша Пекевски

– Она што го прават соседите во моментов, на оваа тема можеби може тереба да послужи за пример кој би можела да ги поттикне и нашите државни власти во налик на процесите во Бугарија и Грција и тие да започнат со поголема динамика да учествуваат во вакви и слични иницијативи, а се со цел да се обезбеди потребната енергија и за нашата земја – вели Пекевски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот