Големиот македонски револуционер Јане Сандански

Борбата на Сандански за македонска самостојност (9)

Василиј Василевич Водовозов за Сандански: „Малкумина луѓе на Балканскиот Полуостров ми оставиле таков силен, таков целосен и таков длабок впечаток каков што ми остави, имено, овој борец на македонската независност. Од него лачеше најкомплетна храброст, самоконтрола и огромна непоколеблива енергија: се чувствуваше дека со својот тих, длабок глас, тој умее да дава наредби што во критичните моменти никој не се решаваше да не ги изврши. Неговото огромно честољубие беше совршено видливо…“

Колку била силна негативната медиумска кампања против Сандански можеби најдобро може да се види од односот кон неговиот лик и дело на весникот „Македонски глас“, кој бил издаван во руската престолнина од страна на тамошната македонска колонија. Имено, тамошните македонски дејци, иако биле носители на македонскиот национален сепаратизам, сепак под импресиите создавани од бугарската пропаганда, го сметале Сандански за „злосторник“ поради убиството на Сарафов.

Подоцна, во време на Првата балканска војна, таквата перцепција се променила и тој станал позитивна личност и бил нарекуван „познатиот водач на Македонците“. Меѓутоа, пред избувнувањето на Првата светска војна, поради предубедувањето дека е во служба на бугарската ревизионистичка политика, предубедување подгреано и од амнестијата во Бугарија, Сандански повторно станал негативен македонски револуционер и бил именуван како „разбојник“, а неговото дело било третирано како „немакедонско дело“.

Јане Сандански

Секако, негативната перцепција и крајно негативните ставови на страниците на „Македонски глас“ се сосема произволни и неточни, а се должат освен на бугарската антисанданистичка пропаганда и на неинформираноста на Македонците во далечниот Петроград за реалните случувања во самата Македонија и во македонското револуционерно движење.

Јане Сандански и денес го заслужува целото внимание на македонската јавност и заслужува да биде величан во редот на најдоблесните македонски синови. Дури и самата негова личност е своевиден позитивен феномен во македонската историја, која предизвикува на истражувачки напор, краснописание и внимание.

Но, малкумина биле луѓето од Македонија што го заслужиле туѓото воодушевување, како што тоа го предизвикувал и заслужил Сандански. На пример, Русинот Василиј Василевич Водовозов за него ги запишал следните високопофални зборови: „Малкумина луѓе на Балканскиот Полуостров ми оставиле таков силен, таков целосен и таков длабок впечаток каков што ми остави, имено, овој борец на македонската независност. Од него лачеше најкомплетна храброст, самоконтрола и огромна непоколеблива енергија: се чувствуваше дека со својот тих, длабок глас, тој умее да дава наредби што во критичните моменти никој не се решаваше да не ги изврши. Неговото огромно честољубие беше совршено видливо…“

Воопшто не е ниту невтемелено, ниту изнасилено, а ни претерано кога Димитар Митрев ќе запише дека Сандански е „вонреден организатор и доследен стратег на револуционерната акција… која го догонуваше идеалот на македонската самостојност“.

Политички катализатор

Оттаму, кога зборуваме за политиката и акцијата на Сандански и санданистите, тогаш зборуваме за борба за „македонската самостојност“ во секоја смисла на таа формулација. Сандански и санданизмот се онаа национално-политичка ориентација во македонското ослободително движење, која преку заострување на борбата против врховизмот го забрза дефинитивното поларизирање помеѓу оние што непоколебливо стојат врз принципот за македонска самостојност и оние што, свесно или несвесно, се против таквата самостојност. Не напразно Сандански сметал дека „треба да се работи за будење на свеста на масите дека тие се посебен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода без да се потпираат на туѓа помош. Тие што би дошле да ги ослободат, всушност, потоа ќе ги поробат“.

Јане Сандански (1910)

Серскиот револуционерен округ, кој природно и географски граничел со бугарска територија, во времето на раководењето со него од страна на Сандански бил претворен во нajцвpcтиoт бeдeм на Организацијата вo oдбpaнaтa кaкo oд тypcкитe yгнeтyвaчи, тaкa и oд политичко-воените авантури на вpxoвиcтичкитe вооpyжeни плaтeници. Санданизмот, пак, бил онаа македонска идејна одредница која, во еден продолжен период, претставувала брана за бугарските аспирации за туторство врз македонското ослободително дело и кон Македонија како дел од бугарската национална територија.

Големобугарски игри

Сандански уште по своето второ влегување со чета во Македонија, во 1897 година ја сфатил големобугарската игра со македонското прашање и се решил, како што вели самиот, „дури не разберам како стои делото, има ли организација внатре и слично, никому нема да му станувам орудие“. Тој сосема јасно велел: „Сите што агитираат било во Македонија, било надвор од неа врз базата на ослободување и обединување на Бугарите, треба да бидат непријателски пречекувани од Внатрешната македонска револуционерна организација, и исто така како што се пречекуваат од Организацијата српските и грчките агитации и чети, бидејќи македонското прашање е неразрешливо ако се постави како бугарско прашање“.

Веројатно токму затоа Сандански сметал дека е во непомирлив судир со врховистите, па велел дека станува збор за „две принципиелни становишта што меѓу себе се исклучуваат“, а пак Христо Силјанов пренесува дека тој ја развивал тезата оти „за македонското население, па и за самата Бугарија, е погубно македонското прашање да се третира во смисла на национално обединување на Бугарите и дека луѓето од другиот блок ѝ се продале на бугарската влада“.

Една од карактеристиките во дејствувањето на Јане Сандански е неговото сфаќање за темелна подготовка на македонското население за борба со военополициските сили на Османската Империја. Во оваа точка, сфаќањата на Сандански се сосема блиски со оние на Гоце Делчев. Впрочем, ако може така да се каже, целосно гоцеделчевски звучат зборовите на Сандански: „Jac нe oчeкyвaм cкopешнo ocлoбoдyвaњe нa Мaкeдoниja. Toa мoжe дypи и дa нe доjдe дoдeкa cyм jac жив; нo jac caкaм дa гo зaчyвaм нapoдoт и дa гo оpгaнизиpaм, и дoкoлкy тoa cтaне, тoj ќе ja извojyвa cвojaтa cлoбoдa и бeз мeне“.

Всушност, многу е веројатно дека ваквите ставови Сандански ги добил преку директната соработка со Делчев.

(продолжува)

Прочитајте ги и другите делови од фељтонот: Јане Сандански и санданизмот во македонското ослободително дело

ПРВ ДЕЛ: Врховистите ја барале „главата на Сандански“! (1)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот