Бојкот на наставата во 20 средни училишта: Матурантите бараат помалку предмети на државната матура

Скопје, 16 јуни 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Матуранти денеска не се вклучија во онлајн-наставата и во почетокот на второто полугодие од учебната година. Организирани од Средношколскиот сојуз, тие почнаа со бојкот зашто бараат да полагаат два наместо четири предмети (три екстерни и еден интернет предмет) од државната матура, спротивно на ставот на МОН дека оваа година нема да има измени во бројот на испити, но дека ќе се полага по скратени програми.

Претседателот на Средношколскиот сојуз, Бленди Ходаи за МИА изјави дека според известувањата од нивни ограноци, бојкот има во средни училишта во 20 градови, вклучително и во Скопје, а онаму каде што не почнал е зашто не биле известени и дека ќе бојкотираат од утре.

Рече дека вчера имал онлајн-средба со министерката Мила Царовска за повторно, како и пред два месеца, да побараат намалување на бројот на предметите за државна матура, односно да полагаат два – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и втор предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира.

– Немавме договор за намалување на бројот на предмети. Како и на средбата што ја имавме во декември, министерката рече дека тоа ќе се земе предвид за новата концепција за државна матура од идната учебна година и дека Државниот испитен центар нема време сега да ги намалува, рече Ходаи.

„Средношколски глас“, пак, собира онлајн-потписи за неполагање на државната матура, но Ходаи вели дека „Средношколски сојуз“ не е за целосно укинување на матурата.

– Со нив разговаравме во декември. Ние во јануари се консултиравме со сите средношколци и одлучивме дека е добро да бараме намалување на бројот на предметите, не целосно укинување. Нашиот став беше јавен дека не може да се укине државната матура, изјави Ходаи.

До кога би траел бојкотот и што понатаму кога нема отстапка од МОН, Ходаи одговори дека планираат една недела бојкот, а за следните чекори дополнително ќе одлучат.

– Првата недела планираме бојкот, а потоа ќе одлучиме дали ќе имаме протест или друга активност за да се прифатат нашите барања, додаде претседателот на „Средношколски сојуз“.

Министерството за образование и наука соопшти дека над 14.000 матуранти ќе полагаат државна матура, според утврдената концепција за матурски испит, која не може да се менува во од, а дека измени се можни за наредната учебна година.

Државниот испитен центар во ноември ги објави и термините за испитите од трите екстерни испити кои ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот