Богоев: Салата Партизан треба да биде „споменик“ на автентичното, модерното и урбаното

Во општина Карпош, денеска се одржа работна средба за презентација на идејни проекти за обнова на спортската сала Наум Наумовски – Борче, „Партизан“.

На средбата учествуваа и претставници – архитекти од Меѓународната невладина организација „Културно Ехо“, кои во изминатиот период работеа на предлог идејниот проект за обнова на оваа култна спортска сала.

Ова е втора нивна посета на нашата држава и на општина Карпош, откако во месец април беа во обиколка на салата и се уверија во нејзината фактичка состојба. За време на овој период архитектите беа во постојана соработка со службите од Општина Карпош и со градоначалникот Стефан Богоев.

Денеска, во присуство на градоначалникот, како и претставници од Владата на Република Северна Македонија, советникот за спорт Даниел Димески, претседателот на Стрелачката федерација, Владимир Пандовски, директорот на ЈП за стопанисување со спортски објекти, Шпенд Хајредини, како и претставник од Сојузот на ветерани се презентираа идејните проекти за обнова на салата, но се разговараше и за одржливоста на „Партизан“ и добивање на мултифункционален карактер.

Градоначалникот Богоев се осврна на важноста од враќање на овој објект во функција на спортот и рекреацијата. Тој посочи дека „Партизан“ треба да биде „споменик“ на автентичното, модерното, урбаното и да пратиме јасна порака дека нема да дозволиме запуштените објекти да пропаѓаат и да бидат нови згради.

Претставнички од „Културно Ехо“, Ивона Крстеска и Марија Гелмановска информираа за историските факти на спортскиот објект, а потоа се осврнаа и на предлог идејното решение кое би овозможило мултифункционалност на салата, а го подготвиле заедно со Ана Грковска и Александар Кочовски.

Во склоп на дворот и надворешниот простор може да се интегрираат нови содржини, игралиште за деца и за спортување, кафетерија, French Corner (француско катче) кое ќе биде симбол на солидарноста што ја има покажано Франција кон Република Северна Македонија и сл.

Во оваа насока, се надоврзаа и меѓународните архитекти кои се дел од „Културно ехо“.. Хавиер Ромеро Висенте, Томас Ромеро Талеј, Матеус Сартори и Софија Цветковиќ (графичка дизајнерка).

Тие исто така зборуваа за максимално искористување на надворешниот, но и внатрешниот дел од салата. Намерата е да се задржи автентичноста на објектот, димензиите и пропорциите, намената за спорт, но и да се вметнат новите како што се: конференциска сала, дел за кино проекција, работни простории за дел од спортските работници, се со цел овој објект да биде економски одржлив и функционален.

Симона Димковска, од „Културно ехо“ напомена дека во соработка со општината ќе биде спроведена и анкета, за да се мапираат сите потреби на жителите и засегнатите страни, за елементите/содржините кои треба да бидат дел од „Партизан“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот