Блинкен им порача на лидерите на БиХ: Потребни се уставни промени, а не Дејтон 2

Ентони Блинкен / Фото: EPA/LYNN BO BO

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, испрати писмо до членовите на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, во кое се наведува дека САД сметаат дека Босна и Херцеговина треба да спроведе ограничени, но значителни уставни промени.

Тој исто така истакна дека нема да има Дејтон 2.

– САД веруваат дека треба да се фокусираме на спроведување на ограничени, но значајни уставни, изборни и економски реформи и владеење на правото, со цел да ги обезбедиме правата на сите граѓани во изборниот процес, рече Блинкен во писмото.

Тој оцени дека треба да се подобри интегритетот на судството, да се намали обемот на корупција, да се подобри економското закрепнување и да се врати довербата на граѓаните во институциите.

– Тоа е остварлива цел, која бара само политичка волја за постигнување на неопходните компромиси, наведе американскиот државен секретар.

Тој им укажа на Додик, Џаферовиќ и Комшиќ дека „нивното водство ќе биде потребно за сериозен и кредибилен процес”.

– САД ќе бидат партнер во овој напор, но лидерите во Босна и Херцеговина ќе мора напорно да работат. Ве повикувам сериозно да се вклучите во овој процес, за да им го дадете на овие прашања вниманието што го заслужуваат, истакна Блинкен.

Тој рече дека САД се „горди на улогата што ја одиграа во запирање на страшната војна во БиХ и помагањето да се обезбеди мирот што следеше”, додавајќи дека САД помогнале во постигнувањето на Дејтонскиот мировен договор.

– Дејтонскиот мировен договор создаде силна основа врз која можеше да се гради БиХ, овозможувајќи и на државата да воспостави одржлив пат кон евентуалното членство во Европската унија и подлабоко партнерство со НАТО, напиша Блинкен.

Тој додаде дека од почетокот било јасно оти уставните аранжмани утврдени со Дејтонскиот договор „не биле врежани во камен” и оти со време ќе биде потребно да се направат уставни измени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот