Битолските актери имаат многу идеи, истакнува хрватскиот драматург и режисер Иван Пеновиќ

Претстава „Татко на татковината“ / Фотографија: Кети Талевска Бакревска

На редовниот репертоар на Битолскиот театар се игра претставата „Татко на татковината“, поставена по мотиви од „Крал Иби“ на Алфред Жари, а со авторски текст и во режија на Иван Пеновиќ како гостин од Хрватска.

Хрватскиот драматург и режисер Иван Пеновиќ во Битолскиот народен театар ја постави претставата „Татко на татковината“ на покана на директорот Иван Јерчиќ, кој сметал дека неговиот стил на работа ќе донесе нешто ново и за ансамблот и за публиката.

Процесот на пробите течел многу убаво, а режисерот бил задоволен од енергијата со која актерите ја прифатиле неговата идеја, но и довербата што ја имале во него, бидејќи на почетокот не било едноставно да се апсорбираат и текстот и стилот на работа.

– Среќен сум што успеав да го средам распоредот за да одам во Битола на почетокот на ноември и да останам до премиерата, па претставата ја изработивме во едно парче, што секако придонесе за нејзиниот квалитет. Исто така, на тој начин навистина ја живеев таа претстава и живеев во Битола нешто помалку од два месеца. Среќен сум поради тоа затоа што е голема разликата кога имаш можност да размислуваш цел ден само за претставата, да се изолираш од својата околина и да бидеш фокусиран само на една работа, а тоа ми го овозможи овој проект. Како и секогаш кога правам нова претстава заснована на моја адаптација или текст, во првите неколку недели пишувам неколку нови верзии на текстот, приспособувајќи ги на актерите што ги играат улогите, така што конечната верзија не секогаш доаѓа само од мене, туку и од хабитусот и идеите на актерите со кои работам. А битолските актери имаа многу идеи – објасни режисерот Пеновиќ.

Кралот Иби, како антихерој, го претставува и го вади најлошото, но и најкомичното од позиција на тиранин / Фотографија: Кети Талевска Бакревска

Премиерната изведба на претставата се одржа на 21 декември 2022 година. Во однос на изборот на текстот, Пеновиќ си имал свој „никогаш ненапишан список на текстови што би сакал некогаш да ги режира“. И бидејќи веќе режирал голем број текстови од тој список, „Кралот Иби“ некако долго ја чекал својата можност, а битолскиот ансамбл, како и работата во Македонија, му изгледале идеални за остварување на таа желба.

– Кралот Иби, како антихерој, го претставува и го вади најлошото, но и најкомичното од позиција на тиранин. Со самото тоа го отвора прашањето за политичката и општествената одговорност. Ако политичарите нѐ изневеруваат, мафијата убива, а крадците крадат, дали ние, ајде да се наречеме народ, не сме подеднакво одговорни ако им дозволиме да прават такви работи? Дали нашата сопствена пасивност или, пак, активноста на лошиот владетел е тоа што нѐ уништува? Ваквото прашање ми се чинеше актуелно во Македонија, како и во секоја друга земја од овој дел на Европа – посочува Пеновиќ.

Иван Пеновиќ – Претставата „Татко на татковината“ ги отвора прашањата за политичката и општествената одговорност / Фотографија: Дражен Сокчевиќ

Претставата почнува со сцена како во некоја утринска телевизиска програма, во која прво гостуваат земјоделци, а потоа се појавуваат самоповиканите фиктивни ликови на Мама Иби и Татко Иби, кои не го разбираат концептот на гостување, туку насилно го превземаат студиото и ја изведуваат целата драма од Алфред Жари затоа што мислат дека тоа е најдобриот начин на себепромоција.

Во улогите на Мама и Татко Иби настапуваат Викторија Степановска-Јанкуловска и Никола Пројчевски, а во претставата играат и Мартин Мирчевски, Марјан Ѓоргиевски, Сандра Грибовска-Илиевскa, Никола Стефанов, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Петар Горко, Соња Ошавкова, Филип Мирчевски и Иван Јерчиќ. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите ги дизајнираше Благој Мицевски, а композитори на музиката се Филип Триплат и Карло Мркша. Жанровски претставата е комедија.

Во улогите на Мама и Татко Иби настапуваат Викторија Степановска-Јанкуловска и Никола Пројчевски / Фотографија: Кети Талевска Бакревска

– Речиси сите мои драми се комедии (или сакаат да бидат), па играњето со јазикот, дијалектот и акцентите ми е неизбежно. Мојот стил на работа, генерално, го најдов со група актери што ја формирав додека сè уште бев на академијата во Загреб. Не размислувам за споредби, но често велат дека во моите претстави има и „Монти Пајтон“, и театар на апсурдот, и камп-стил. Таков стил произлезе од нашата желба, но и од условите за работа во самостоен театар кој прави чуда без пари.

Но, едно е да работиш со твоите луѓе, кои сам си ги избрал, а друго е да патуваш во други театри и да работиш со ансамбли кои претходно не си ги знаел, па да морам да го приспособам мојот стил, или уште повеќе, начинот на работа на овие променливи услови. Со самото тоа, би рекол, она што го сакам во мојот стил понекогаш морав да го отфрлам или да го дадам во помала мера.

Посебно ме радува претставата „Татко на татковината“, бидејќи такво нешто не мораше да се случи. Во периодот кога бев во Битола, се чувствував повеќе себеси отколку во последните неколку сезони, а оваа претстава, сакале или не, е токму она што сакав да ви го прикажам – заклучи Пеновиќ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 163, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот