Битиќи: Пописот ни обезбеди податоци, сега можеме да планираме и да бидеме коректив на состојбите

Фатмир Битиќи - вицепремиер / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Да не успееме да планираме, значи дека планираме да не успееме. Но, планирање врз основа на нереални, непознати или претпоставени моментни состојби води кон дефинитивен неуспех. Поради сето ова, многу ја ценам успешната работа завршена за пописот, рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во своето излагање на настанот во организација на Државен завод за статистика (ДЗС) за проекција на населението.

Тој упати честитки до ДЗС за успешниот попис, за посветеноста и професионалноста.

– Проекциите на населението ни даваат простор за предвидување и, доколку е потребна, корекција на можните настани во иднината. Во овие податоци гледам голем потенцијал, секако дека предвидувања не може да бидат точни, бидејќи периодот од 50 години е многу долг, но се насоки и основа за носење правилни одлуки и политики – рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека сега проблемите не се кријат под ќилим и дека е време да се биде коректив на состојбите кој е потребен на државата.

– Да можеме да гледаме во податоци, во предизвици, без порив за обвинување, туку со желба за подобрување. Со разбирање на поголемиот контекст кој се случува околу нас и разбирање на нашето место и улога во него. А потребата за решение е иста и за Фатмир и за Арта, Маја, Амра, Елвис – рече Битиќи.

Битиќи рече дека решението е во носење системски промени и одлуки, поттикнување и создавање услови и простор за реализација, но и завршување на интеграциските процеси со ЕУ и зголемен економски раст.

„Решението е во носење на системски промени и одлуки. Кои носат предвидливост и доследност, без разлика на политичката воља, што носи нешто што е непроценливо важно за секој развој а тоа е јакнење на сигурноста и довербата. Само со постојана реафирмација на сигурноста и довербата може да имаме слобода која нос и кон креирање и исполнување на потенцијалите“ рече Битиќи.

Тој додаде дека решението е и во завршување на интегрирањето кон ЕУ и економскиот раст, со јасна визија, поради која и се креираше Националната развојна стратегија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот