Бислимоски: Лага е дека пристапот до мрежа е измислена нова давачка

Марко Бислимоски/ Фото: Слободен печат /Драган Митрески

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски демантира дека со пристапот до мрежа е измислена нова давачка и вели дека тоа е лага. Во гостувањето во „Студио 10“ на ТВ 24 објаснува дека само се прераспределени трошоците за да има пофер пристап.

– Не може некој што не поставил фотоволтаици да плаќа за некој што поставил, изјави Бислимоски.

Тој додаде дека фиксниот трошок за пристап до мрежа ќе го плаќаат сите, без разлика дали трошат или не во месецот, но со тоа се обезбедува фер пристап за останатите, за да не се покачи цената на електричната енергија.

– Направивме рамномерна распределба, да учествуваат сите во фиксните трошоци. Тој што има викендичка и оди пет до десет пати таму ќе учествува во фиксните трошоци. Вакви мерки постојат во 18-20 земји од ЕУ, рече Бислимовски.

Исто така, објасни дека сите ќе плаќаат по 200 денари и дека доколку не се воведеше оваа мерка, цената на електричната енергија во сите тарифни модели ќе се зголемеше.

– Доколку не воведовме фиксен надоместок, цената на првиот блок немаше да се намали за 5,16 отсто, туку ќе се зголемеше за 3,4 проценти. Цената во вториот блок ќе се зголемеше за 8,62 проценти и цената на евтината струја ќе се зголемеше за 15,42 проценти, рече Бислимовски.

Објаснувајќи дека новата цена на струјата е збир од цена за енергија, плус збир и плус мрежарина, тој им порача на граѓаните да имаат доверба во РКЕ како институција бидејќи, како што рече, Комисијата ги носи одлуките врз основа на знаење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот