Бислимоски ќе трча за нов мандат, не се откриваат неговите конкуренти

Марко Бислимоски

Рокот за пријавување истече на 8 април, а не се откриваат имињата и бројот на евентуални противкандидати на Марко Бислимоски. Собранието го избра Бислимоски за претседател на РКЕ во 2018 година

Завршен е јавниот оглас за избор на претседател и три члена на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. На актуелниот претседател Марко Бислимоски, мандатот му истекува во јуни, а „Слободен печат“ дознава дека и тој ја поднел својата кандидатура. Рокот за пријавување истече на 8 април, се пријавиле 17 кандидати, но не се откриваат имињата. За претседател на РКЕ, Собранието го избра Бислимоски во 2018 година, а освен него, тогаш беа предложени и три члена на Комисијата – Наташа Вељановска, Атанаско Тунески и Куштрим Рамадани.

Новиот претседател на РКЕ и членовите ги избира Собранието на предлог на Владата на Република Северна Македонија, имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници. Според Јавниот оглас, еден член на РКЕ е стручно лице за правни прашања од областа на енергетиката, еден член е стручно лице за економски прашања од областа на енергетиката и/или водните услуги, еден член е стручно лице за технички прашања од областа на водните услуги и останатите членови се стручни лица за технички прашања од областа на енергетиката.

-Мандатот на секој член и на претседателот на РКЕ изнесува пет години и ниту еден член не може да биде на таа функција повеќе од два последователни мандати – стои меѓудругото во огласот. Инаку, нето платата на претседателот и членовите на РКЕ не можат да биде повисоки од збирот на пет просечни месечни нето плати исплатени во државава во претходната година, според податоците објавени од Државниот завод за статистика.

Инаку, деновиве РКЕ го достави својот Годишен извештај за 2022-та до Собранието и во него е нотирано дека минатата година ќе остане запаметена по спроведената реформа на тарифниот систем со воведување на Блок тарифи во пресметувањето на потрошувачката на електрична енергија.

-Оваа клучна регулаторна реформа беше првиот одговор на енергетската криза поттикната од податоците дека во земјава 1 отсто од потрошувачите трошат 20 отсто од домашната произведена енергија. Реформата се заснова токму врз принципот „Кој троши помалку, да плаќа помалку“, што даде резултат – заштеда од над 16 отсто на електрична енергија во првиот квартал од воведувањето на реформата – оцени претседателот на РКЕ.

Инсталираниот капацитет на обновливи извори се зголеми на рекордни 144,4 MВЧ, што пак влијаеше на намалување на вкупната електрична енергија преземена од системот, објаснуваат од РКЕ.

-Вкупно 267 централи од обновливи извори на енергија се здобија со лиценци, со вкупен инсталиран капацитет еднаков на три стратешки енергетски капацитети кои државата ги градела со години – ХЕЦ Козјак, ХЕЦ СВ Петка и ветрениот парк Богданци – стои во Извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот