Бесплатни културни настани и слободен влез во музеите, галериите и локалитетите по повод Денот на независноста

Фото: Министерство за култура

По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, Министерството за култура најави дека во рамки на централната прослава, организирана од Владата, со многубројни пригодни манифестации, повеќе културни установи, музеи, галерии и археолошки локалитети ќе бидат отворени за посета, односно влезот е бесплатен.

На Денот на независноста предвидени се повеќе настани, како изложби, концерти на млади уметници и на оперски арии, проекции на наградувани филмови од македонската понова продукција.

Музејот на македонската борба за самостојност подготвува посебна мултимедијална програма со слободен влез за сите посетители. Од 10 до 14 часот на повеќе локации во Музејот ќе бидат презентирани „Видеоприказни од музејската архива”, коишто, меѓу другото, вклучуваат музејски стории за седум исклучителни жени од македонската историја, меѓу кои и: Оливера Вера Јоциќ, Роса Плавева и Калипсо Налча; презентации на раритети од музејскитe збирки; автентични снимки од подготовките за Илинденското востание од 1900 година; Спомени од Првата светска војна, како и снимки од референдумот и прогласувањето на независноста во 1991 година.

Во оваа национална установа, на 8 септември во 12 часот, гудачкиот квартет „Луј” од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” од Скопје (кој го сочинуваат младите музички уметници: Божана Гошева – прва виолина, Илија Јовчев – втора виолина, Никола Соколовски – кларинет, Александар Ицковски – виолончело) ќе одржи концерт на кој ќе бидат изведени дела од Равел, Дворжак, Пјацола и други.

Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и привремената изложба „Темелник на државноста”, посветена на клучните настани во формирањето на државата – Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.

Националната опера и балет се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, кој на 8 септември во 20 часот ќе се одржи пред платото на институцијата.

Оперските солисти од Националната опера и балет: Билјана Баевска (сопран), Нико Ѓоргиевски (тенор), Виктор Битовски (тенор), Надежда Рубен (сопран), Билјана Камчева (сопран) и Марија Наумовска (сопран), со пијано-придружба на Елена Сиљаноска, ќе изведат популарни арии од познати оперски дела од: Пучини, Маскањи, Чајковски, Гершвин и Бернштајн.

Во Кинотеката на Република Северна Македонија, пак, ќе има проекција на две успешни македонски филмски остварувања на автори од помладата генерација, кои ја одбележаа македонската понова продукција, филмови кои имаат позитивен прием кај критиката и многубројни награди.

Театарот за деца и младинци, кај Школката во Градскиот парк во Скопје, во рамки на програмата од 11 до 14 часот, за својата верна публика ќе ја изведе претставата „Гига Мега бајка”, во режија на Хана Миленковска, дело на Горјан Милошевски (по мотиви од Ш. Перо),

На 8 септември без надомест ќе бидат отворени археолошките локалитети „Стоби”, „Херaклеја”, „Баргала”, Мегалитската опсерваторија „Кокино”, Меморијалниот центар АСНОМ-Пелинце, потоа „Куќата на Робевци” во Охрид, црквата „Свети Спас” во Скопје, Музејот на отворено во Тумба Маџари во Скопје, Музејот за тутун и „Участакот” во Прилеп, Турската пошта и Галеријата на икони во црквата „Свети Петнаесет Тивериополски маченици” во Струмица, Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Археолошкиот музеј – Скопје, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Природонаучниот музеј, Музејот на современата уметност, Националната галерија на Северна Македонија: Даут-пашиниот амам и Чифте амам, како и Уметничката галерија во Тетово.

Низ државава, како што најави Министерството за култура, во рамките на програмата „Отворен ден за граѓаните”, вратите ќе бидат отворени и во музеите и во заводите во: Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, во музеите во Струга, Куманово, Гевгелија, во Историскиот музеј во Крушево, во Музејот на Тетовскиот крај, како и во Музејот на албанската азбука – Битола и Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот