Берлин ги урива ѕидовите помеѓу земјите од Западен Балкан

Лидерите од Западен Балкан во Берлин потпишаа три договори за мобилност за забрзан регионален економски раст и развој/Фото: Влада на РСМ

Одлуки Германскиот канцелар Олаф Шолц порача дека ЕУ треба да го исполни ветувањето за прием на земјите од Западен Балкан, нивната соработка беше потврдена и со потпишаните договори за слободен проток на луѓе и услуги, меѓусебно признавање на личните карти и факултетските и дипломите за стручно образование.

Европа е целосна само со земјите од Западен Балкан и тие се дел од слободниот и демократски дел на Европа. Благосостојбата и безбедноста на овие земји не може да се гледаат одвоено од остатокот на Европа. Наша задача е да го исполниме ветувањето за влез во ЕУ. Со оваа порака германскиот канцелар Олаф Шолц вчера ги пречека лидерите од Западен Балкан и од дел од земјите на Европската Унија на Самитот на Берлинскиот процес во Берлин.

На Самитот се присутни премиерите – на Македонија Димитар Ковачевски, на Србија Ана Брнабиќ, на Албанија Еди Рама, на Босна и Херцеговина Зоран Тегетлија, на Косово Албин Курти и на Црна Гора Дритан Абазовиќ. Шолц, споменувајќи ја ситуацијата во Украина, ги повика земјите од регионот да ги надминат меѓусебните судири и недоразбирања и сите заедно „сложни да ја одбранат слободата во Европа“.  Истовремено тој го пофали напредокот во меѓусебната соработка на западнобалканските земји за што потврда се и потпишаните договори за меѓусебно признавање на личните карти и факултетските и дипломите за стручно образование.

Со договорот за признавање на личните карти се олеснуваат патувања со поедноставување на административните процедури за влез, транзит и краток престој со лична карта, а истовремено се обезбедува еднакво постапување кон сите граѓани во регионот и се укинуваат сите постојни визи на Балканот.

Договорот за признавање на универзитетските дипломи ги утврдува заедничките правила и постапки за признавање на високошколските квалификации, овозможува мобилност на студентите и академскиот кадар на Западен Балкан, периодот за носење одлука за признавање на дипломите се намалува на најмногу 14 дена, а за студентите се укинуваат актуелните надоместоци за поднесување барање за признавање на високообразовните квалификации.

Третиот договор за признавање на професионалните квалификации го олеснува движењето на професионалците низ регионот и овозможува пружање услуги од лекарите, стоматолозите и од архитектите на Западен Балкан. Овој документ е основа за преговори за останатите четири професии – бабици, медицински сестри, фармацевти и ветеринарни хирурзи. По двегодишни преговори, договорите беа одобрени од министрите за надворешни работи на шесторката од Западен Балкан на состанокот организиран од германската Влада на 21 октомври, како дел од Берлинскиот процес.

Како обврска што стои пред земјите од Западен Балкан во Берлин беше спомената нерегулираната миграција и потребата од усогласување на визниот режим на земјите од регионот со оној на Европската Унија.

И додека Шолц говореше за соработката меѓу земјите во регионот, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која пред една недела беше во посета на земјите од Западен Балкан, се огласи со порака дека се во Берлин за да ја продлабочат економската соработка, почнувајќи од енергетиката. „Нашиот пакет од една милијарда евра помош за Западен Балкан ќе ни помогне да ја обликуваме заедно нашата заедничка енергетска иднина“, напиша Фон дер Лајен на Твитер.

Премиерот Ковачевски, кој на Самитот учествува заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, на првата сесија посочи дека се исполнува клучен дел од обврските во рамките на заедничкиот регионален пазар, усвоени на Самитот во Софија пред две години. Според него, на земјите од Западен Балкан вклучувајќи ја и Северна Македонија им претстои сериозна работа, затоа што дојде време кога ќе треба да се испорачаат суштински постигнувања во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на економиите и на регионот во целина, што ќе доведе до забрзан регионален економски раст и развој. Ковачевски уште посочи дека Северна Македонија веќе ги почна преговорите со ЕУ со заштитени идентитетски позиции, во тек е скринингот преку кој забрзано ќе се одвива реформската агенда на земјата, но и дека ЕУ не е целосна без земјите на Западен Балкан, па треба да се интензивираат сите иницијативи кои ќе придонесат кон приближување на регионот до ЕУ.

– Ние сме и првата земја што спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во „Осломеј“ во Кичево со фотонапонска централа, како конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија, покажувајќи силна иницијатива за декарбонизација на нашиот енергетски сектор – рече Ковачевски и додаде дека за реализација на зацртаните планови потребна е голема поддршка преку достапни грантови и поволни заеми за новите проекти.

Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива за соработка поврзана со идното проширување на Европската Унија, чија цел е да се ревитализираат врските меѓу Западен Балкан и ЕУ, како и да се подобри регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан во областа на инфраструктурата и економскиот развој. Берлинскиот процес се смета за една од водечките политички иницијативи на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во однос на Југоисточна Европа, а првата конференција се одржа во Берлин во 2014 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот