Балканот се ослободува од советското оружје од армиските магацини, Украина го троши и чека западно

ФОТО: Македонски „Су-25“
ФОТО: Македонски „Су-25“

Војната во Украина беснее повеќе од една година, а боиштата во земјата не престануваат да „голтаат” човечки но и материјални загуби. За да може Украина да стане отпорна на руската инвазија, западните и европски држави меѓу кои е и Македонија но и земјите од Балканот, изминатата година со голема динамика донираа оружје, храна, воена технологија и медицинска опрема. Таквата пракса продолжува и годинава а официјалено последна од низата земји кои ќе донираат воена техника на Украина е Хрватска, каде оваа земја најави дека ќе донира неколку воздухопловни летала на украинската војска.

Хрватски хеликоптер од типот Mi-8MTV / ФОТО – Tango Six

Хрватите ги донираат своите воени хеликоптери Ми-8 на

украинската армија

Хрватските медиуми забележуваат дека армијата веќе склучила договор со војската на САД за отстапување на своите воено транспортни хеликоптери од советско потекло на украинската армија. Имено, военото воздухопловство на Хрватска се одлучи да ги донира на Украина своите 14 хеликоптери Ми-8 МТВ и десет хеликоптери Ми-117 Сх, јавува реномираниот портал за авијатика Танго шест. Хрватскиот министер за одбрана Анте Котромановиќ и началникот на генералштабот генерал Драго Ловриќ во таа насока предходно веќе разговарале со претставници на американскиот Конгрес на чело со Херолд Роџерс, претседателот на Конгресниот одбор за набавка на американски хеликоптери. Станува збор за иницијатива на хрватскиот министер Котромановиќ која ја иницирал пред неколку месеци во разговор со американскиот потпретседател Џо Бајден за разгледување на можноста Хрватска од Националната гарда на Минестоа во САД да купи хеликоптери стари 7-8 години. Како што наведуваат медиумите Хрватска веќе ги доби првите два хелокоптери од американско потекло„Блек-хок“ со што започна замена на своите транспортни хеликоптери од руско потекло.

BMP-1, вооружени сили на Грција – ФОТО (screenshot: YouTube)

Грција најголем донатор на борбена технологија и опрема

Хронолошки гледано досега, пред Хрватска последен пример за донирање на борбена технологија и опрема наменета за украинската армија беше регистрирано во соседството. Имено според порталот „Балканска безбедносна мрежа“, Грција на крајот на февруари минатата година првпат испратила воена помош за Киев, а неодамна вети дека ќе испрати дури 122 советски борбени возила на пешадија (БВП) БМП-1 со борбен комплет за топ и митралез. Станува збор за застарени модели од средината на 1960-тите, но тие сè уште се употребливи возила и се во арсеналот на двете завојувани страни. Досега тие возила се користеа за обезбедување на грчките острови во Егејското Море кон Турција и затоа испраќањето на тие БДП е условено со добивање половни БДП Мардер 1А3 или А5, кои Германија и ги вети на Грција доколку го реализира планот за донации за Украина. Освен БДП, Грција вети дека ќе испрати и други видови оружје во значителни количини.

АКМ и југословенски автоматски пушки M-70 во Украина: ФОТО : twitter.com/UW_Observer)

Црна Гора помогна со пешадиска воена техника

За разлика од Грција и Словенија, кои во медиумите ги објавуваат своите намери за испраќање воена помош за Украина, другите земји таа работа главно ја вршат молчејќи, споделувајќи нецелосни информации. Така, Владата на Црна Гора неодамна соопшти дека е прифатен предлогот на Министерството за одбрана на таа земја за испраќање „дополнителна воена помош“ за Украина, иако јавноста досега немаше информации дека дел од оружјето е испратено и какво оружје се дарувало. На социјалните мрежи и каналите кои ја следат војната во Украина, забележливо е дека на снимките се појавуваат југословенски автоматски пушки М-70, а од претходно се регистрирани минофрлачки мини од 60 милиметри, па дури и униформи М-89.

Борбено оклопно возило за пешадија M-80 : Фото: Twitter

Љубљана го подари своето југословенско оружје

Истиот медиум предходно информираше дека Словенија неодамна ѝ подари на Украина 35 оклопни амфибиски возила БВП М80А, произведени во поранешна СФР Југославија, за кои во договор со САД во периодот што следи треба да добијат средства за компензација за набавка на нова западна опрема за словенечката армија. Во едно неодамнешно интервју, словенечкиот министер за одбрана Марјан Шарец рече дека неговата земја не донираше југословенски тенкови М-84 на Украина, но планира да испрати 35 БВП М-80А.

„Словенија донираше пешадиско оружје, шлемови, заштитни елеци… Словенија даде многу. Нашиот арсенал од она што можеме да го дадеме се испразни“, изјави Шарец.

Фото : Архива

Бугарија тајно помага со муниција и нафта?

Засега не е познато дали и во колкава мера Бугарија испратила оружје во Украина, но сосема е јасно дека таа земја ги помага воените напори на Украина, и тоа засега го чини успешно но и далеку од очите на јавноста. Како што наведува германски Дојче Веле, Софија тајно ја помага Украина во нафта и муниција, иако во земјата имаше противење околу испраќањето на воената помош. Поради тоа минатата година настана и владината криза. Официјално во земјата лани беше постигнат политички компромис по ова прашање со кој се заклучи дека Бугарија ќе се воздржи од испраќање оружје, но ќе даде воено-техничка помош, односно ќе го поправи оштетеното украинско оружје или средствата што им поминале.

Македонски тенк Т-72 / Фото: mill.mk

Македонија ги даде тенковите т-72 и „сухоите“ 25

Во меѓувреме гледано од македонска перспектива на настаните, нашата држава досега на Украина и донираше големи количини на воена техника но и храна и медицинска опрема. Една од низата донации за Украина беше и онаа со четирите воени авиони „СУ-25“ што Македонија за време на конфликтот во 2001 година ги купи од Украина за четири милиони евра но и триесетината тенкови „Т-72“ од советско производство. За овие информации во јавноста не се соопштуваа детали иако Министерството за одбрана информираше дека со донесените одлуки за донација на воена техника на украинските сили не се нарушува борбената готовност на македонската армија.

Токму во таа насока минатата година министерката за одбрана Славјанка Петровска при гостување во телевизиска емисија изјави дека нашата држава работи на подготовка на четврт пакет помош во воена техника за украинските сили каде исто така при тоа не се прецезираа детали за какво оружје станува збор ниту кога тоа оружје ќе се испорача на Киев.  Исто така, Петровска при посетата на Вашингтон лани изјави дека започнати се стратешките разговори со државниот врв во кои се опфатени повеќе сфери, меѓу кои и модернизирање на одбраната.

– САД на МО и АРСМ доделија 40 милиони долари за модернизација на Армијата, процес кој веќе е започнат врз основа на долгорочниот план за развој – посочи министерката за одбрана Петровска. Таа додаде дека модернизацијата значи замена на стара воена опрема која главно е од советско и југословенско потекло и надградување и замена со нова и софестицирана западна воена опрема.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот