БАФТА 2024: „Опенхајмер“ со апсолутна победа на британските филмски награди

Кристофер Нолан, Ема Стоун и Килијан Марфи / Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Синоќа се случи 77. доделување на филмските награди на Британската академија за филм и телевизија – БАФТА. Свечената церемонија се одржа во една од најпрестижните сали во светот – Ројал фестивал хол во Лондон, Велика Британија. Водител на настанот беше шкотскиот актер Дејвид Тенант.

Животописниот трилер „Опенхајмер“ („Oppenheimer“), кој го раскажува животот на творецот на атомската бомба – Роберт Опенхајмер, беше апсолутен победник на вечерта со тринаесет номинации и седум освоени статуетки, меѓу кои и онаа за најдобар филм, најдобар режисер (Кристофер Нолан), најдобар актер во главна улога (Килијан Марфи) и најдобар актер во споредна улога (Роберт Дауни Помладиот).

Килијан Марфи / Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Освојувајќи ја својата прва БАФТА, Нолан изрази благодарност до филмското студио „Јуниверсал“ бидејќи го виделе потенцијалот за филмска адаптација на оваа приказна.

Научнофантастичниот „Кутри нешта“ („Poor Things“) освои пет статуетки, вклучувајќи ја и победата на Ема Стоун во категоријата за најдобра актерка во главна улога.

Ема Стоун / Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Ѕвездата на филмот „Остатоците“ („The Holdovers“), Дејвајн Џој Рендолф, продолжува да доминира во категоријата за најдобра актерка во споредна улога во годинашната сезона на награди. Прифаќајки ја својата статуетка, таа му се заблагодари на нејзиниот колега Пол Џамати.

– Господе, плачам секогаш кога ќе го изговорам твоето име. Ти го претставуваш сè што е одлично и добро во нашиот занает – изјави таа.

Дејвајн Џој Рендолф / Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Моќниот психолошки хорор „Зоната на интерес“ („The Zone of Interest“), кој е во режија на Џонатан Глејзер, ја освои наградата за најдобар британски филм, како и наградата за најдобар филм кој не е на англиски јазик.

Иако пристигнаа со големи очекувања, создавачите на филмовите „Барби“ („Barbie“), „Салтберн“ („Saltburn“) и „Убијци на цветната Месечина“ („Killers of the Flower Moon“) не освоија ниту една статуетка од овие престижни филмски награди.

Победниците во сите категории можете да го прочитате тука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот