Автентично толкување на ептен автентичното помилување

Собранието ја почна постапката за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, која треба да даде конечен одговор на дилемата дали член 11 е „жив“ или не е вратен во правниот поредок, откако Уставниот суд во 2016 година го укина законот со кој овој член беше избришан.

Вчера заседаваше Законодавно-правната комисија по барањето за автентично толкување што минатата недела го поднесоа пратениците Сашко Костов и Диме Велковски, како итна реакција на одлуката на Уставниот суд да ја оценува уставноста на членот 11-а кој предвидува претседателот да го поништи претходно даденото помилување. Се очекува автентичното толкување да биде донесено на пленарна седница на 11 декември.

Поради постапката за автентично толкување, на предлог на судијата Осман Кадриу, Уставниот суд вчера го одложи одлучувањето за членот 11 од Законот за дополнување на Законот за помилување.

– Судот е известен дека пред Парламентот се води постапка за автентично толкување на овие членови од Законот за помилување – рече Кадриу.

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, опозициските пратеници нема да прават опструкции на постапката за автентично толкување. Тој најави и дека ќе бараат Уставниот суд за овој закон да побара мислење од Венециската комисија.

Владата завчера го прифати мислењето на Министерството за правда во врска со членот 11 и го испрати до Собранието. Во мислењето од Владата се вели дека Законот за помилување беше изменет и дополнет во 2009 година, кога беше укинат членот 11, кој содржеше можност претседателот да помилува без спроведување постапка и дека тој член оттогаш не постои.

„Во правната теорија е неспорно дека со укинувањето одредба што заменила претходна одредба, стариот закон не се враќа автоматски. Во март 2016 година, Уставниот суд го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, но со укинувањето не се враќа во сила одредбата од членот 11. Тоа значи дека претседателот немал, ниту пак сега има правна можност да даде помилување врз основа на тој член без спроведување постапка и според тоа сите акти за помилување на претседателот што се засновани на членот 11 се незаконски и како такви ништовни“, се вели во мислењето од Владата.

Од друга страна, пратениците Костов и Велковски во барањето за автентично толкување не бараат мислење од законодавецот дали членот 11 е дел од правниот поредок или не, туку да се разјасни во кои точно посебни околности претседателот има право да помилува без процедура.

„Член 11 гласи дека претседателот по исклучок може да дава помилување без спроведување на пропишаната постапка кога тоа е од интерес за Републиката или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека тоа е оправдано. За евентуалната примена на оваа одредба се поставува прашањето што е посебен интерес за Републиката, односно кои околности за личноста или кривичното дело треба да бидат исполнети за да биде оправдано помилување согласно со членот 11. Автентичното толкување треба да ја разјасни примената на членот 11 од законот, односно типот на околности што го прават оправдано помилувањето без постапка“ – се вели во барањето за автентично толкување.

Автентичното толкување минатата недела го побара министерката за правда  Рената Дескоска за да се спречи активирањето на незаконските помилувања дадени од поранешниот претседател Ѓорге Иванов на 12 април 2016 година на 56 лица, осомничени или сведоци во постапките на Специјалното јавно обвинителство.

Членот 11 од Законот за помилување беше избришан во 2009 година со законски измени, кои беа укинати во 2016 година, по што Иванов веднаш даде аболиција на 56 лица. Тогаш се јавија различни толкувања дали ако се укинат сите измени и дополнувања се враќа претходната состојба во која членот 11 постои, при што дел од правната фела тврдеше дека со укинувањето на бришењето, одредбата не е вратена во правниот поредок, затоа што тоа единствено може да го стори Собранието. Но, Собранието тогаш само го донесе членот 11-а, со кој претседателот доби можност да ја повлече аболицијата.

Оние уставни судии што во 2016 година гласале против укинувачката одлука на Уставниот суд, во своето издвоено мислење навеле дека оваа одлука значи дека се враќа правото на претседателот за дискрециско помилување.

„Особено интересно е што со укинувачката интервенција на член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување се враќа во примена член 11 од Законот за помилување, кој уредува дека Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка“, се вели во издвоеното мислење на судиите, објавено во број 58 од „Службен весник“ од 2016 година.

Дескоска ги плаши судиите со казни за нестручно и несовесно работење

Министерката за правда Рената Дескоска прати циркуларно писмо до сите претседатели на судовите и до претседателот на Судскиот совет, во кое ги потсетува на измените и дополнувањата на Законот за судовите од април годинава, со посебен фокус на основите за нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Како основа за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција, предвидени се случаите кога судијата без оправдани причини не ги закажува рочиштата во предметите што му се доделени или на друг начин ја одолговлекува судската постапка. Друга основа за утврдување одговорност е доколку судијата не го земе предметот во работа, поради што настанува застареност на кривично гонење или застареност на извршување кривична санкција за кривичното дело.

Дескоска укажува и дека претседател на суд може да биде разрешен ако не го извести Судскиот совет дека одреден судија сторил потешка дисциплинска повреда на законот од членовите 75, 76 и 77, односно ако знаел за постапките на судијата, а не ги пријавил заради прикривање. Министерката потсетува и дека претседателите на судовите имаат надлежност да вршат редовен увид во работата на судот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот