Антикорупциска: Набавката на мазут од ЕСМ за потребите на ТЕЦ Неготино открива висока и системска корупција, обвинителството да се зафати со случајот

Фото: Слободен печат

Државната комисија за спречување на корупцијата постапувајќи по сопствена иницијатива во врска со набавката на мазут за потребите на АД ТЕЦ Неготино извршена од страна на АД ЕСМ Скопје при што набавката тешка 212 милиони евра требало да ја изврши фирмата РКМ ДООЕЛ од Скопје утврди состојби од кои произлегуваат сомнежи за несовесно работење, искористување и злоупотреба на службената положба и овластувања од страна на службени лица од министерството за економија, поранешен директор на ЕСМ и други службени лица од ЕСМ во својство на членови на комисија за спроведување набавка на мазут за потребите на ЕСМ / АД ТЕЦ Неготино.

Антикорупциска се сомнева дека овие лица овозможиле монополско дејствување на домашниот пазар за мазут, по пат на директна интервенција на страната на понудата на мазутот на домашниот пазар во Македонија, со цел предизвикување криза и пораст на цената на мазутот и со тоа остварување профит за РКМ и други правни лица од државава и соседството, на начин така што на домашниот пазар за мазут е предизвикано растројство.

Поради овие сомнежи ДКСК, согласно своите законски надлежности и овластувања достави иницијативи до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Владата, до Комисијата за заштита на конкуренцијата, до Регулаторната комисија за енергетика, до Управата за јавни приходи и до Управата за финансиска полиција.

Непознат подоносител до ДКСК на 28 февруари годинава, откако месец дена претходно во јануари го отвориле случајот, доставил дополнителна документација за незаконската набавка на мазут од страна на ЕСМ.

-Вредноста на вкупната набавка е околу седум милијарди и 500 илјади денари, или околу 212 милиони евра. Набавката требало да ја изврши фирмата „РКМ ДОО Скопје“, при што била предвидена количина на мазут за која постои сомнеж дека истата не можела да биде испорачана за многу краток временски период. Требало да бидат набавени околу 195 илјади тони мазут. Дополнително, според јавно изнесените наводи, АД ЕСМ Скопје наводно извршил и продажба на ноќни вишоци на електрична енергија на една фирма по цена која била многу пониска од берзанската, според податоците и информациите на HUPEX. За наводите кои се однесуваат на сомнеж за незаконска продажба на ноќни вишоци на електрична енергија од страна на АД ЕСМ Скопје, ДКСК ќе одлучи со друга одлука кон предметот, реферираше Горан Трпеноски, член на ДКСК.

Антикорупциска потоа постапувајќи по предметот ги побарале податоците од прозваните АД ЕСМ и ТЕЦ Неготино како и од надлежните органи и институции, а за да обезбедат дополнителни сознанија за конкретниот случај, антикорупционерите одржале и службени разговори со овластени претставници од АД ТЕЦ Неготино и од Регулаторната комисија за енергетика и откри низа неправилности во случајот:

-Во тендерската документација на АД ЕСМ Скопје не е барано економските оператори да го докажат техничкиот капацитет за испорака на мазутот, договорите за набавка на мазут со фирмата РКМ ДОО Скопје се склучени во вредност која била пониска од понудената, за истата количина, пробиени се финансиските планови за јавни набавки на ЕСМ, на првиот договор за набавка на мазут со РКМ склучен е анекс без да се утврди потребната количина и без да се утврдат ценовните и техничките услови на испорака, со што се овозможило за истата количина да се испорача мазут по повисока цена. На вториот договор за набавка на мазут со РКМ, кој иако бил истечен и без правна сила, склучен е анекс со цел да се исплатат дополнителни средства, без да се наведе испорака на дополнителна количина на мазут, наведе Трпеновски.

Анализата направена од страна на ДКСК покажува и дека според сметководствената документација на АД ТЕЦ Неготино испорачаниот мазут од двата договори е со помала количина за околу 18.000 тони, а РКМ набавил мазут во помала количина од онаа што била наведена како испорачана и прикажал помалку приход во билансите во споредба со договорите за испорака на мазут.

Бидејќи Македонија нема акцизен склад за увоз на мазут, испораката е вршена преку камионски и авто цистерни, а АД ТЕЦ Неготино не го следел исполнувањето на договорите за испорака на мазут од страна на РКМ затоа што не е потписник на овие договори во кои пак биле предвидени минимални казнени пенали за непочитување на договорите за испорака на мазутот, стои во извештајот на ДКСК.

-Утврдени се состојби кои укажуваат на сомнежи за трговија по пат на инсајдерски информации на енергетскиот пазар, утврдени се сомнежи за даночно затајување и ерозија на т.н. солидарен данок на добивка од страна на РКМ и утврдени се сомнежи кои укажуваат на монополско и непријателско здружување на пазарот на мазут во РСМ, со цел предизвикување пораст на неговата цена, а со тоа и растројство на пазарот на мазут во РСМ и пораст на цената на електричната енергија на штета на домашното стопанство, граѓаните и јавниот интерес на РСМ, рече Трпеноски.

Претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска нагласи дека во овој случај има сомнежи за висока корупција, на што Трпеноски додаде дека поконкретно станува збор за системска корупција бидејќи цел систем од многу институции се корумпирани и испреплетени, налик на „Длабока држава“, о по изнесените сомнежи и дадениот „патоказ“, работа треба да ја продожи јавното обвинителство кое понатаму може да ја испита и сопственичката структура во фирмата РКМ во која фигурира Ратко Капушевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот