Ангеловска – Бежоска: Народната банка ги засили контролите кај менувачниците за да се спречат шпекулациите за девизите

Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на НБРСМ/Фото; Народна банка

Менувачниците не смеат да ги чуваат девизите, да не вршат менувачко работење и да создаваат паника, вели гувернеката. Таа објаснува и дека сегашната регулатива не предвидува менувачниците да купуваат девизи во банките, а кај некои се јавила потреба

Во јавноста почна да се шири веста дека дел од менувачниците не продаваат девизи, или пак не продаваат во поголем износ. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска, во изјава за „Слободен печат“ вели дека девизи на пазарот има и дека шпекулациите се многу опасни, поради што во тек се засилени инспекциски контроли од страна на Народната банка по менувачниците.

– Дејноста на менувачниците е откуп и продажба на девизи. Тие не смеат да ги чуваат, да не вршат менувачко работење и да создаваат паника. Тоа е недозволиво и ние можеме ваквото однесување да го санкционираме, вклучително и со одземање на лиценца за работа. Девизните резерви се стабилни и се 3,5 милијарди евра. Дополнително и банките си имаат свои девизи. Во крајна линија и банките продаваат девизи и граѓаните може да отидат кај нив и да купат колку сакаат, што е јасен показател дека девизи има – вели гувернерката Ангеловска – Бежоска.

Таа вели дека покрај шпекулативното однесување на одредени менувачници подгреано од шпекулации во јавноста за девалвација на денарот, дел од менувачниците, инцидентно, навистина може на кус рок да снемаат евра.

– Досега, по правило, менувачниците повеќе откупувале девизи отколку што продавале. Не се ни јавила потреба, тие да отидат во банка да бараат девизи. Но сега, веројатно народот е повоздржан и не ги продава девизите, па затоа некои од менувачниците можеби се довеле во состојба да имаат повеќе денари и да имаат потреба од девизи. Но, во сегашната регулатива не е предвидено банките да им продаваат девизи на менувачниците. Во тек се состаноци и со банките и со менувачниците на оваа тема, и тековно ја разгледуваме потребата за измена на регулативата – изјави Бежоска.

Таа потсети дека досега, при секоја криза, се подгреваат шпекулациите за денарот.

– Постојано кажуваме, еве сега ќе повторам, денарот е стабилен. Со него треба да се гордееме. На 26 април ќе прославиме 3 децении од неговото постоење. Народот, ни во еден момент нека не се грижи за неговата стабилност – децидна е гувернерката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот