АНАЛИЗА на „Слободен печат“: Што точно се крие зад 24-часовната драма во Русија со Вагнер

Путин, Шојгу, Пригожин / Фото Колаж на Слободен печат

Домашните и регионалните безбедносни аналитичари за „Слободен печат“ истакнуваат дека бунтот на Вагнер против Путин е опасен бидејќи тој трајно ќе ја дискредитира руската држава, руската армија и руската политика во светот.

Што и да се случи во Русија во саботата меѓу приватната војска „Вагнер“ на чело со Евгениј Пригожин и Кремљ, јасно е дека режимот на Владимир Путин претрпе голем удар. Сепак, странските и домашните аналитичари со кои зборуваше „Слободен печат“ не мислат дека тоа веднаш ќе се одрази на војната во Украина, иако тврдат дека е време Путин полека да го подготвува својот наследник за следните претседателски избори.

На прашањата каков ќе биде расплетот на случувањата таму но и какви рефлексии може да предизвикаат ваквите настани во Европа и светот побаравме одговори од домашни, регионални и светски безбедносни аналитичари и новинари.

Александар Радиќ, воен експерт од Белград за „Слободен печат“ ги коментира последните случувања во Русија при тоа објаснува дека повеќе од очигледно е дека станува збор за вистинска побуна на приватната платеничка група Вагнер а не лажна, бидејќи како што тврди тој, целта на бунтот е да се направат услови Пригожин еднаш за секогаш да замине од фронтот но и од директивите на Путин.

Фото, принтскин: Александар Радиќ, воен експерт од Белград

– Очигледно дека е збор за вистинска вооружена побуна на приватна компанија Вагнер за која беше предвидливо уште на почетоците од нејзиниот ангажман. Факт е дека Вагнер беше и остана безбедносен проблем за Москва. Русите го нарушија правилото на функционирање на безбедносниот систем во државата со нивното вклучување во војната. Тоа секој пат низ историјата се покажало како погубно за нарачателот овој пат за Москва, кога во воен судир државата ангажира платеници – објаснува Радиќ.

Српскиот новинар со долгогодишно искуство во следење на меѓународната политика и воените збиднувања низ светот потенцира дека сличен проблем како овој со Вагнер во минатото го имаше и Србија за време на војните во 90-тите.

– Доколку се навратиме наназад и говориме за паравоените сили како што ги имаше Србија во 90-тите години можеме да заклучиме дека можеби сега на Русија и се случува истото. Луѓето кои во минатото беа ангажирани од државниот српски апарат за воените конфликти на Балканот видовме дека тие кога им се сменија директивите на нивното делување застанаа против државата со сета нивна воена техника и опременост. Таков беше случајот со паравоените сили кои Србија ги ангажираше во БиХ на Косово и сл. Краток заклучок е дека тоа се опасни игри на државниот врв кој во неможност да обезбедни воена доминација во некој конфликт посегнува кон ангажирање надворешни воени платеници кои на крајот почнуваат и да ги отфрлаат државните директиви за војување. Тие честопати прават и воени злодела на терен за кои подоцна одговара или се обвинува самата државата кои ги ангажирала – додава Радиќ.

Нашиот соговорник наведува низа докази за слабоста на руската армија во претходниот период.

– Голем проблем во периодот што следи за Русија ќе биде недовербата во безбедносниот сектор и војската по последните случувања. Сега ако гледате и највниматилните лица на руската политичка сцена користат остри изрази за случувањата со Вагнер но и за политиките на Путин. Обичниот Русин кој до вчера се плашеше да го критикува Кремљ и Путин сега јавно говори и обвинува за војната во Украина. Сето тоа наведува дека доаѓаат тешки денови за Русија но и можеби одбројани часови за власта на Путин – подвлекува Радиќ и додава дека следува радикална дискредитација на руската држава која долгорочно гледано е многу опасно за самата неа но и за светот.

Во краток разговор за „Слободен печат“, украинскиот новинар Горги Ерман, на прашања поврзани со вооружениот бунт на Вагнер објаснува дека Украинците со големо разбирливо внимание ги следеа случувањата во Русија.

Горѓи Ерман – Политички новинар во „Би-би-си“ сервисот на украински јазик, од националниот универзитет Тарас Шевченко во Киев

-Од она што се случи на терен можам со сигурност да заклучам дека украинските надежи не се остварија во целост. Немаше крвави масакри во Русија. Од друга страна, многумина политички и воени аналитичари го искористија моментот, да ги истакнат предностите на Украина од состојбите во кои се најде Русија. Од она што е јасно е дека на прво место, срушена е перцепцијата на Русија за воена доминација и моќ. Еден од советниците на претседателот Зеленски, Михаило Подолаик во своите излагања се фокусираше на фактот дека никој не дојде во одбрана на Путин во еден од најголемите руски градови (Ростов) кој беше со молскавична брзина заземен од платеничката војска. На терен во Русија беше забележан и уште еден факт дека населението ги поддржуваше првенствено платениците на Пригожин наместо регуларната армија и дополнително она што е интересно е дека реакцијата на руските безбедносни сили да не отворат оган на платениците е само факт дека никој веќе не сака да се бори и загине за Путин – вели Ерман.

Украинскиот новинар истакнува дека дополнително е важно да се напомене дека монополот на моќта на Путин беше предизвикана од сопарник а светот јасно го виде заклучокот кој вели дека тој повеќе не ја контролира ситуацијата во својата земја.

-Кога ќе се анализираат овие заклучоци, јавното мислење во Украина е со став дека руското општество е длабоко поделено за воената агресија која ја води Русија. Од негативните заклучоци сега по овие настани се отвора и потенцијална можност Украина да е нападната од север од границите со Белорусија бидејќи на овој начин Вагнер се распространија и на друга територија со што хипотетички сега ни се загрозени и овие граници кои полни 16 месеци беа условно кажано по безбедно место за живеење од останатиот дел на Украина – подвлекува Ерман.

Од друга страна пак универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев гледа успешен маневар на Вагнер како да стигне до границите на Полска и да приреди можеби едно од историските наголеми стратешки изненадувања за украинските сили.

Методиј Хаџи Јанев – професор / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

– За последниот настан се вртат повеќе теории од тоа дека Путин е готов преку тоа дека успеал сепак да ја среди состојбата на терен… Дека тој знаел за побуната на Вагнер барем најмалку два дена пред настанот и од тоа дека ја имал контролата во раце,до тоа дека пазарот е направен во последен момент за да Путин си го исчисти патот. Сепак она што на терен сега се случува говори дека Вагнер е на границата на Полска и ако е сето ова смислено сценарио најверојатно ќе биде еден од маневрите кој допрва ќе се изучува како дел од големата игра на манипулации и измами со цел да се постигне стратешко изненадување – анализира Хаџи Јанев.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот