Американскиот емисар утре во Приштина на средби со власта и со опозицијата

Специјалниот пратеник на американскиот претседател за Западен Балкан, Габриел Ескобар се очекува да допатува утре во Косово, каде што, освен со челниците на државните институции, ќе се сретне и со лидерите на главните косовски опозициски партии, јави дописникот на МИА од Приштина.

Извори од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и од Алијансата за иднината на Косово (ААК) изјавија за медиумите дека добиле покана од Ескобар за средба, на која најверојатно ќе учествува и најголемата опозициска партија во косовското Собрание, Демократската партија на Косово (ПДК), иако од таа партија сè уште нема официјална потврда дека е поканета.

Од ЛДК и ААК најавија учество на средбата со Ескобар на нивните партиски лидери, Љумир Абдиџику, односно Рамуш Харадинај, а според медиумите се очекува на неа да присуствува и претседателот на ПДК, Мемли Красниќи.

Американскиот емисар ќе го посети утре Косово во рамки на неговата турнеја низ неколку европски земји. Денеска престојуваше во Белгија, додека по Косово ќе ја продолжи турнејата со посети на Австрија и Црна Гора.

За во Приштина, Ескобар на денешната средба со новинари во Брисел рече дека ќе разговара генерално за дијалогот меѓу Косово и Србија, за кој рече дека е „во криза“, како и за одлуката на косовските власти за забрана на употребата на српскиот динар за безготовинско плаќање во земјата, за која рече дека е „некоординирана“.

САД, како и ЕУ и воопшто сојузниците на Косово, без да ја оспорат легитимноста на Приштина да го воведе еврото како единствено готовинско платежно средство, инсистираат на подолг рок за нејзино спроведување, со цел да се овозможи прилагодување кон неа на припадниците на српското малцинство во Косово, кои примаат значителни средства, во форма на плати, пензии, социјални додатоци и слично, од матичната земја, Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот