Амбициозно реализирани предизвици во јубилејната година во Националната галерија

Тимот на Националната галерија на јубилејната изложба „75/75“

Националната галерија во текот на 2023 година, кога одбележа 75 години од основањето, реализираше квалитетна програма за достојно чествување на јубилејот со амбициозни проекти.

Посветено, квалитетно и амбициозно во текот на 2023 година Националната галерија реализираше 23 програмски проекти и над 200 вонпрограмски настани, како вонпрограмски изложби, конференции, концерти, промоции, работилници, корпоративни настани.

Културната понуда беше во духот на разновидноста, традицијата и зачувувањето на националниот идентитет. Доминантно беше афирмирана богата национална колекција, а беа презентирани и врвните мајстори на модерната и современата национална уметност.

Годишната програма на Националната галерија традиционално почнува во март и во 2023 година беше отворена со изложбата насловена „Мајчинство“, на која беше претставен селектиран избор на македонски и странски автори, припадници на различни ликовни генерации кои ја опфаќаат темата мајка и мајка со дете, односно една од тематски најзастапената улога на жената низ историјата.

Селекцијата опфати дела кои се дел од богатата колекција на Националната галерија и вклучи широк избор, почнувајќи од иконовидните претстави на Богородица, па сѐ до новите медиуми. Можеа да се видат дела од Димитар Андонов Папрадишки; на авторите од првата основоположничка генерација, меѓу кои Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски; периодот на афирмацијата и продорот на новите ликовни тенденции во повоените години, како Петар Мазев, Ванчо Ѓорѓиевски, Глигор Чемерски и други. Застапени беа и примери од авторите кои припаѓаат на Југословенската збирка, меѓу кои Иван Мештровиќ, Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и други. Куратор на изложбата беше кустосот Елена Иванова.

Претставување на проектот „Пејзажно искуство“ од 59. Биенале во Венеција / Фотографија: Маја Аргакијева

По реализацијата на едно од најдобрите национални преставувања на 59-то издание на меѓународната ликовна изложба Биенале во Венеција 2022, со мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“ на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Националната галерија како координатор на проектот на 30 март го претстави истиот пред македонската јавност. Куратори на проектот се Ана Франговска и Сања Којиќ – Младенов.

Меѓу големите проекти беа и промоцијата на монографијата посветена на животот и творештвото на скулпторот Анета Светиева, ретроспективната изложба на Владимир Темков во Чифте амам, изложбата „75/75“ под кураторство на Маја Чанкуловска Михајловска, со која почнаа активностите за одбележување на јубилејот 75 години од формирањето на Националната галерија.

Изложба на Мирчо Матевски Рисимкин во „Мала станица“ / Фотографија: Маја Аргакијева

Самостојната изложба „Средба со историјата: една слика – една приказна“ на Мирчо Матевски Рисимкин во „Мала станица“ беше можност да се нурне во историјата, во наследството, во духовното. Куратор на изложбата беше Александра Зиновски Вилиќ.

Годишната програма во Националната галерија ја одбележаа и раритетни изложби, како „Ветар параклет“ на Димитрие Дурацовски во Чифте амам. Како сликар, Дурацовски четири децении беше „сокриен“ од публиката со неговата особеност во ликовниот израз. Творештвото на Дурацовски може да се одбележи како метафизичко и во исто време концептуално, имајќи го предвид времето во коешто почнува да твори (1973) и кога неофицијално престанува со сликарството (1987), така што може недвосмислено да се каже дека тој е творец претеча на современиот концептуален ликовен израз во Македонија. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски.

Изложба на дела од Димитрие Дурацовски / Фотографија: Маја Аргакијева

Колосално претставување со опус од речиси 400 дела беше ретроспективната изложба „Мултиверзум“ на Симон Шемов, на која беа претставени слики од неговите почетоци во средината на 60-тите на минатиот век до денес со повеќе тематски циклуси.

– Станува збор за природната индоктринација со пантеизмот, сосема логично на него се надоврзува преокупираноста со прашањата за постанокот и егзистенцијата на универзумот, та оттука космологијата/ космогонијата како клучни одредници ад акта, потоа аспектите на поврзаноста на уметноста и природата на игрите (односно вечната потреба за истражување, експериментирање и анимирање и на себе и на публиката – со одреден партиципативен директен или индиректен инпут) и семиотиката, односно неговата преокупација со истражување и трансформирање на симболи и архетипови – објасни кураторката Ана Франговска.

Отворање на изложбата на Симон Шемов / Фотографија: Маја Аргакијева

Уште еден грандиозен проект во низата беше омажот посветен на Миле Корубин во рамките на програмата за одбележување на јубилејот – 75 години постоење на Националната галерија. Во објектот Чифте амам беше поставена ретроспективно-јубилејна изложба со која Миле Корубин (1922-2000) беше претставен како уметник со сопствена еволуција.

Изложба на дела од Миле Корубин / Фотографија: Маја Аргакијева

Во есенскиот дел од програмата беа претставени проекти на Митко Панов, Колектив „Зеро“ со изложбата „Номен ест омен“, самостојната изложба на ликовниот уметник Ервин Ќатовиќ насловена „Градина“, каде куратор е Маја Крстевска, потоа најновиот творечки циклус на Томе Аџиевски, како и Годишната изложба на основните училишта „Шемов и јас“, која се реализираше со ангажманот на едукаторот Маја Димитрова.

На самиот крај на годината во објектот „Мала станица“ беше поставена изложбата „Од поинаков дискурс – Фауната од колекцијата на Националната галерија“, според концепт кој го осмисли проф. д-р Иван Џепароски. Во Чифте амам беа одбележани 110 години од раѓањето на Лена Стефанова, која во историјата на современата македонска ликовна уметност, зазема втемелувачко и изделено место, а кураторки на изложбата се Татјана Бундалевска и Елена Иванова.

Јубилејна изложба на Лена Стефанова / Фотографија: Маја Аргакијева

Во Даутпашиниот амам беше поставена јубилејната изложба „90 години од раѓањето на Ристо Калчевски (1933-1989)“, како премин во 2024 година. Кураторки на изложбата се Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска Михајловска. Како последен во 2023 година беше реализиран мултимедијалниот проект на авторите Дориан Јовановиќ и Стефан Шашков насловен „Капење“ со кураторство на Горанчо Ѓорѓиевски.

Успешната работа на Националната галерија беше забележана од уметниците, публиката, медиумите, но и од колегите од музејската дејност. Така, на Меѓународниот ден на музеите – 18 мај, МНК ИКОМ додели две значајни музејски награди на Националната галерија за 2022 година – Музеј на годината, како резултат на богатата и квалитетна музејско-галериска програма на Националната галерија во текот 2022 година и Музејски работник за 2022 година на кураторката Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 213, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот