Алтернатива: За влез на Алијанса, цената треба да ја платат ДУИ и СДСМ

Африм Гаши/ Фото: Архива на Слободен печат

Ако на ДУИ и на СДСМ им недостигаат пратеници и сакаат да ги надоместат преку Алијанса, тогаш цената за тоа треба да ја платат ДУИ и СДСМ. На Алтернатива не ѝ недостигаат пратеници, вели за „Слободен печат“ висок функционер од раководството на Алтернатива.

Не е прашање дали, туку како да се изведе проширувањето на владејачкото мнозинство, а тоа да не падне само врз грбот на СДСМ и ДУИ, велат за „Слободен печат“ високи функционери од власта. И претставниците на власта, но и на опозициската партија Алијанса за Албанците (АА), потврдуваат дека разговори за проширување на владиното мнозинство во Собранието има и додаваат дека тоа е поизгледната опција отколку предвремени парламентарни избори на кои инсистираат опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Беса.

Формулата за влез на АА на „Илинденска“ се турка преку формулацијата „европска коалиција“ или „алијанса за Европа“, но челниците на владините партнери СДСМ и ДУИ, Димитар Ковачевски и Али Ахмети, уште немаат решение како третиот партнер во власта – Алтернатива – да ја убедат да отстапи министерско столче што моментно е пречка за остварување на целта.

Претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари изјави дека постои можност да станат дел од Владата, а ако тоа не се случи, тогаш неминовни се избори. Како што рече, постои реална можност за влез на неговата партија во Владата и оти тоа го бара и меѓународниот фактор.

– Постои можност за влез во Владата. Конкретна понуда нема, но ние сме во постојана комуникација. Гледате како е во Собранието. Мислам дека сме 60 – 60. Собранието не може да создаде мнозинство без помош на Алијансата. Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот – рече Таравари во гостување на ТВ21.

За односот на Алијанса за Албанците со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тој кажа дека во моментов двете партии се дистанцирани, иако има некое ниво на комуникација помеѓу пратениците.

Дека Алијанса е поблиску до „Илинденска“ отколку да биде дел од ново мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ, е и констатацијата на Таравари дека изминатава година ВМРО-ДПМНЕ ја вратило националната реторика и станало слична на Левица.

Ахмети е убеден дека мнозинството е стабилно и потврди дека се работи на негово проширување со Алијанса за Албанците.

– Парламентарното мнозинство е стабилно, но има еден поопширен и поперспективен пристап да се прошири тоа мнозинство и да се создаде една алијанса за Европа – изјави Ахмети на новинарско прашање дали сме поблиску до зголемување на мнозинството или до избори. Тој рече дека тоа нема никаква врска со „огнената група“, односно незадоволните членови на ДУИ.

Но токму недоразбирањата во ДУИ и за „огнените“ и за Алтернатива е главната причина зошто СДСМ и ДУИ преговараат за влез на Алијанса во Владата. Според „огнените“, преку Алијанса Ахмети сака да го амортизира нивното незадоволство и мнозинството да не зависи од четири пратеници кои им се приклучија на „огнените“ кои, како и Алтернатива, не гледаат причина за влез на АА во власта, бидејќи сите партии на Албанците поддржуваат уставни измени.

– Не ја гледам причината за влез на Алијанса во власта, освен да се спасува Ахмети од „огнените“. Ако на ДУИ и на СДСМ им недостигаат пратеници и сакаат да ги надоместат преку Алијанса, тогаш цената за тоа треба да ја платат ДУИ и СДСМ. На Алтернатива не ѝ недостигаат пратеници – вели за „Слободен печат“ висок функционер од раководството на Алтернатива.

Од партијата на Африм Гаши велат дека попрво ќе излезат од Влада отколку да се пазарат за посилна функција во Владата на сметка на што би отстапиле министерско место.

Генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, преку Фејсбук порача дека Ахмети не може да преговара со Алијанса за министерствата што ги води Алтернатива.

– Алтернатива неколкупати изрази став дека конструктивната соработка со Алијанса останува конструктивна, но ДУИ треба да им направи простор, ослободувајќи дел од министерствата што ги води. Ова особено дека влезот на Алијанса во Владата доаѓа во критичен момент за ДУИ и Али Ахмети поради внатрешно неединство во партијата – вели Ибрахими.

Висок функционер од СДСМ за „Слободен печат“ потврдува дека разговорите запнале поради Алтернатива и дека донекаде имаат разбирање. Првичниот план беше СДСМ, ДУИ и Алтернатива да отстапат по едно министерско место за Алијанса. Засега е неизвесно дали влезот на Алијанса во Владата ќе се прекрши најмногу врз ДУИ, односно дали Ахмети ќе отстапи две, а СДСМ една министерска позиција за во европската коалиција да направат место и за АА, или, пак, да се „измисли“ ресор за Алијанса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот