Ало, пожарна!

„Дрисла е повторно во рацете на градот“, изјави градоначалникот. Тоа и воопшто не е така лошо. Сега барем ќе имаме увид кој, кога и зошто пали ѓубре. И градоначалникот ќе може да си има апликација што ќе му светне уште пред да светнат фотките од типот „Магла оувер Керамидница“, направени со добри телефони од ранобудните душебрижници. И кога ќе му светне апликацијата, тој ќе го стисне копчето за брзо избирање и ќе му се јави на Мики со зборовите: „Мики, гаси тоа инценераторот“. А Мики ќе му одговори: „Шефе, ние не гориме денеска, Бајрам е“. Тогаш и на самиот привремен татко на градот ќе му текне дека во тој случај мора да е „Усје“ или некое „што и да е“, па ќе го затвори и ќе му лупне казна. Затоа што веќе и врапчињата со генетска мана, кои го преживеаја овој воздух и оваа сеча, знаат дека големите чадови ги прават големите оџаци.

Во нашата депонија и понатаму ќе се гори она ѓубре што мора да се изгори. Ќе се гори во печки и оџаци кои се какви што се, супстандардни во секој поглед. И загадуваат. Е сега, постојат и долгорочни и краткорочни решенија за справување со овој вид загадување, со кој секојдневно се судираат сите жители на источниот дел на градот.

Долгорочно, може да имаме современи печки со џамбо оџаци, кои нема да загадуваат и да бидеме еколошко освестени мулиња или да направиме капитална инвестиција и почнеме да правиме енергија по теркот што долги години го практикуваат Швеѓаните.

Шведска, која има и голема традиција во сортирањето и рециклирањето на отпадот, одамна пресметала дека најполезниот и најбезболниот начин за ослободување на голем дел од отпадот е негово горење и претворање во електрична енергија. Металот и стаклото се отпад што лесно се рециклира и повторно употребува, па и хартијата, ако прописно се собере и сортира. Проблемот е пластиката во сите форми, заедно со сета ситнурија што и онака гори. Економската логика вели дека пластика е подобро да се изгори, наместо да се подвргнува на скапи процеси на преработка. Ако тоа се направи во услови што ја запазуваат околината, а воедно и се произведе енергија, таквата инвестиција долгорочно е самоодржлива и носи профит. Швеѓаните се отидени дотаму, што сега и увезуваат отпад за да прават електрична енергија. Ние и онака нашата струја ја добиваме од горење на јаглен покрај Битола, па зошто не би си го гореле и ѓубрето за сопствена корист.

Краткорочно, проблемот со горењето на некои видови отпад во нашата најголема депонија би можело да се реши со тоа што би се консултирале метеоролозите за движењата на ветерот, па би се палело кога „дува накај шумата“, наместо без никаков ред и контрола. И градоначалник среќен и народ на број.

Останува и уште еден проблем поврзан со горењето, а тоа е палењето контејнери, па им предлагам на надлежните да ги зголемат казните за ваков вид манијачење, а воедно и да распишат награди за секого кој на дело ќе фати контејнер-пироман, но и за секого што ќе изгасне веќе запален контејнер. Ако има пристоен награден фонд, веднаш ќе се направат комшиски стражи, кои ем ќе го „пребијат“ тој што им го пали контејнерот пред да го предадат на власта, ем ќе го спасат контејнерот, ем за награда ќе си направат скара. Веројатно скарата нема да биде на плин и ќе го зачади целото маало, ама јас би им простил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот