Алијанса: Спасовски да поднесе оставка за мега скандалот со државјанството за Онишченко

Алијанса за Албанците е крајно вознемирена од медиумските извештаи дека бегалецот, руски политичар баран од Украина, а кој се наоѓа на списокот со санкции на САД, се стекнал со државјанство во Северна Македонија со целосно нетранспарентно решение од страна на Владата, изјави на прес конференција пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците.

Тој ја повика Владата веднаш да ја откаже одлуката за доделување државјанство на Александар Онишченко.

-Александар Онишченко е поранешен пратеник во украинскиот парламент, близок до поранешниот претседател Виктор Јанукович, марионета на Владимир Путин. Онишченко побегна од Украина во 2016 година, откако антикорупциската комисија на Украина отвори истрага против него за перење пари и корупција. Оттогаш тој е во егзил и ниту една западна земја не му понуди правна заштита – рече Снопче.

Тој додаде дека Онишченко се наоѓа на списокот со налог за апсење на Украина, а од јануари 2021 година тој е и на списокот за санкции на САД како „член на руската мрежа за влијание на претседателските избори во САД во 2020 година“ со која се обиде да ја саботира кампањата на претседателот Бајден.

-Онишченко, откако беше вклучен на американската листа за санкции, веднаш поднел барање за државјанство во Северна Македонија, согласно член 11 од Законот за државјанство, којшто се однесува на доделување државјанства врз основа на спортски критериуми. Онишченко е спортист во прескокнување со пречки и сега ја претставува нашата земја на меѓународни натпревари. 17 месеци по пријавата на Онишченко, Владата на Северна Македонија на 44. седница на 31 мај 2022 година, без да известува за оваа одлука, му додели државјанство на рускиот олигарх. Во подготовката на позитивната препорака Онишченко да добие државјанство на Северна Македонија се вклучени повеќе институции: Федерацијата за коњички спортови, Олимпискиот комитет, Агенцијата за спорт и млади, како и Агенцијата за национална безбедност – вели Снопче.

Тој потенцира дека станува збор за голем скандал со меѓународни последици, директно поткопувајќи го режимот на санкции на САД и надворешната политика на ЕУ. Според Снопче, таа одлука штети на нашиот пат кон членство во ЕУ, бидејќи пораката е дека Северна Македонија се користи од криминалци барани од други земји за да се заобиколат напорите на нашите сојузници да ги изолираат олигарсите на Путин во услови на руска агресија врз Украина. Освен тоа, усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на ЕУ не значи ништо доколку Владата донесе такви одлуки кои директно ги поткопуваат санкциите на нашите сојузници.

– Ја повикуваме Владата веднаш да ја откаже одлуката за доделување државјанство на Онишченко. Бараме челниците на четирите релевантни агенции веднаш да поднесат оставки, особено директорот на Агенцијата за национална безбедност, којшто со позитивно мислење за Онишченко директно ја загрози националната безбедност. Бараме министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, веднаш да поднесе оставка од морални причини, за ставање на барањето за државјанство на Онишченко на дневен ред на Владата на сосема нетранспарентен и непримерен начин и позитивната одлука која е во директна спротивност со меѓународните обврски на Северна Македонија – рече Снопче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот