Албанија привлекува туристи со евтини медицински услуги
Албанија не е само популарна туристичка дестинација, туку е на добар пат да стане посетувана земја и поради ниските цени на медицинските услуги, проценуваат албанските медиуми.
Премиерот Еди Рама ја поддржува оваа заложба и пренесувајќи ги впечатоците на задоволните туристи, ја промовира Тирана како главен град на убавината и насмевките, пренесува АТА.
„Со насмевките на многуте туристи што ја избираат Албанија не само за одмор туку и за посета на стоматолог, ви посакувам убава недела“, рече премиерот Рама.
Медиумите го наведуваат примерот на клиниката „Патувања и насмевки“ во Тирана, која на своите клиенти им нуди стоматолошка грижа и козметичка хирургија спроведена од, како што велат, најдобрите лекари по цени пониски од оние на конкуренцијата.
Туристите што ја посетуваат Албанија од медицински причини доаѓаат од разни западноевропски земји – Франција, Швајцарија, Белгија итн.