„Ако сопрев на пругата, сите ќе загиневме“: Таксист од Велес осуден на седум години затвор за трагична сообраќајка

Велешанецот Љубе Трајковски (66), возач на такси, денеска беше осуден на седум години затвор за сообраќајката која се случи на 10 февруари 2020, во која младо момче загина, а тројца патници беа тешко повредени, објави СДК.мк.

Товарен воз го удрил такси-автомобилот на осудениот, во моментот кога преминувал преку железнички премин. Загина 23-годишниот Мартин Ѓорѓиев, а повредени беа четворица, вклучувајќи го и возачот.

Трајковски се товареше за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот, во сообраќајот“. Обвинителството докажуваше дека делото е сторено со умисла поради тоа што обвинетиот секој понеделник, среда и петок ги носел патниците на дијализа во велешката болница и знаел дека на критичното место има железнички патен премин и дека минува воз. Пресудата ја образложи судијката Габриела Гајдова, претседателка на петчлениот Кривичен совет.

„Тврдењето на одбраната дека во критичниот период не работела светлосната, звучната и вертикалната сигнализација не е точно. За видеото кое беше предложено за сведочењето самиот автор констатира дека е снимано пет години пред настанот. Вештото лице недвосмислено укажа дека обвинетиот не ја почитувал поставената сигнализација, преминал во налет преку преминот, наместо да сопре бидејќи имало таков сообраќаен знак“, рече судијката.

Пресудата во судница ја слушна мајката на починатото момче Мартин (23), Нада Ѓорѓиев, која заедно со останатите оштетени во сообраќајката изразија револт што обвинетиот Љубе Трајковски за време на судењето не изразил каење и жалење за стореното. Тој тоа го стори дури на крајот, по прозивките од оштетените. Обвинетиот тврдеше дека е невин, а причини за сообраќајката наброи неколку, но и детално објасни како таа се случила, пишува СДК.мк.

„Возот возеше брзо, ниту свирна дека доаѓа. Околу железничкиот премин кој е обраснат, има многу џбунови и дрва, од кои нема прегледност. Не го видов возот, нема светлосен сигнал. Ако сопрев на пругата, сите ќе загиневме. Задниот десен дел од автомобилот, беше удрен со скалилата на машината, кои се за машиновозачот да се искачи до кабината. Потоа не` занесе и автомобилот удри во металниот столб, па се извртевме и вагоните што доаѓаа последователно не` удираа и кршеа“, изјави Трајковски.

Пресудата не е правосилна, странките имаат право на жалба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот