Ако не запре, коронавирусот ќе ги „зарази“ изборите

Техничкиот премиер Оливер Спасовски за утре свика лидерска среда на која ќе се дискутира за превентивните мерки за спречување на натамошното ширење на вирусот и како тие ќе влијаат врз кампањата за парламентарни избори на 12 април.

Ширењето на коронавирусот и зголемувањето на бројот на заразени во Македонија го наметна прашањето дали ќе биде потребно да се одложат предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април. Техничкиот премиер Оливер Спасовски за утре свика лидерска средба на која ќе се дискутира за превентивните мерки за спречување на натамошното ширење на вирусот и како тие ќе влијаат врз кампањата за парламентарни избори на 12 април. Од оваа средба се очекува да произлезе и одлука за можното одложување на закажаните избори. Меѓу препораките на владата е и забраната за одржување на сите масовни собири и настани на отворен и затворен простор со над 1.000 учесници во наредните 14 дена, што се поклопува и со почетокот на кампањата за изборите. Според најавите дека овие мерки можат да бидат и заострени, можат да влијаат и на одржувањето на големите предизборни митинзи и собири.

Спроведувањето на избори во услови на засилени превентивни мерки за спречување на ширење на коронавирусот отвора повеќе деликатни прашања. Дали лицата што се во самоизолација или во карантин, во домашни или болнички услови, ќе можат да го реализираат своето право на глас? Дали ќе треба да гласаат како и другите болни и немоќни лица, еден ден пред останатите гласачи, како што гласаат во редовни услови, и дали членовите на Изборачките одбори, кои треба да го спроведат гласањето во домот на заболениот или изолираниот, не се изложуваат на допонителен ризик за контаминација со коронавирусот? Се поставува и прашањето дали самиот чин на гласање, на гласачките места, не го зголемува ризикот од ширење на вирусот, со оглед на циркулацијата на голем број лица на гласачките места и физичките контакти со гласачкиот материјал.

Според неофицијални информации на Слободен печат, од Општинските изборни комисии и од Избирачките одбори веќе се повлекуваат лицата кои се медицински работници, со оглед на тоа што тие се неопходни за зголемениот ангажман во здравствените организации. Според политикологот Петар Арсовски прерано е да се зборува за одложување на предвремените парламентарни избори на 12 април.

– Македонија се уште е во зелената група на заразени земји. Имаме само 6 лица кај кои е потврдено дека се заразени од корона вирусот, така да засега е рано да се размислува за одложување на парламентарните избори во Македонија. Министерството за здравство сигурно ги има проценките, што реално се случува и мислам дека откако ќе ја кажат својата проценка може да зборуваме за одложување на изборите или не. Ако ситуацијата ескалира тогаш навистина ќе има проблем и со избирачките одбори бидејќи и во нив има луѓе од државната администрација кои треба да се здрави – вели Арсовски.

За можноста изборите да бидат одложени министерот за здравство Венко Филипче вели дека во овој момент тешко е да се дадат такви проценки.

– Ние сме целосно фокусирани на справување со овој проблем со корона вирусот. Може да има ситуации кои сега не може да ги предвидиме. Секојдневно ги следиме мерките. Препораките се согласно случувањата во државата. Ги следиме состојбите и во соседните земји, но и во Италија, Франција. Во овој момент тешко е да се предвиди состојбата – вели Филипче.

На лидерската средба кај премиерот Спасовски се очекува да дојдат лидерите на најголемите политички партии – на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса, ДПА, Алијанса на Албанците и на Алтернатива. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера рече дека не сака да дава хипотетички одговори и дека на лидерскаата средба в четврток ќе разговараат за реалната состоја со коронавирусот, па дури потоа ќе може да се носат заклучоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот