Ахмети: Опозицијата да ги прифати уставните измени ако сака предвремени избори, во спротивно ќе се одржат во редовниот термин

Нема потреба од лидерска средба, а во моментов парламентарни избори не се решение и тие ќе се одржат во редовниот термин, порача лидерот на Демократската унија за интеграции (ДУИ) Али Ахмети.

„Приоритет над приоритетите е како да се постигне договор за уставните измени и одржувањето на меѓувладината конференција, што треба да се одржи на крајот на оваа година. Не знам што можеме да направиме за да им служиме подобро на луѓето, отколку да ја зачлениме земјата во ЕУ. Изборите не нудат решение, така што, изборите ќе се одржат во редовниот термин, напролет следната година“, рече Ахмети одговарајќи на новинарски прашања на настан во Општина Сарај на 10 октомври.

Во однос на уставните измени, тој го повтори ставот дека ако неговата партија ѝ пречи на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ДУИ ќе излезе од Владата во моментот кога ќе бидат изгласани измените не Уставот.

Но, опозицијата инсистира на лидерска средба. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува лидерите да размислат за, како што вели, спречување на уставната криза поради датуми на претседателските и парламентарните избори кои се блиску еден до друг.

Албанската опозиција е подготвена за средба на која ќе побараат претседателските и парламентарните избори да се одржат на ист датум. Лидерот на Беса Билал Касами вели дека здружената албанска опозиција е подготвена за предвремени парламентарни избори.

„Ја повикуваме оваа Влада што поскоро да размисли, да закаже лидерска средба и да распише предвремени избори.. За краток период од 3 месеци како што се закажани изборите, оценуваме дека тоа е непотребен трошок и бараме изборите да се одржат во еден термин“, рече Билал Касами, претседател на Беса.

СДСМ прифаќа средба со опозицијата, но под услов уставните амандмани да се изгласаат сега и да се оди на избори или да се усвојат уставните измени, да се заврши скринингот и две поглавја а потоа се одржуваат избори. Во овој период власта и опозицијата заеднички да ја делат извршната власт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот