Останавме без таткото на спортското новинарство

Срѓан Ивановиќ

Секој намерник што барем еднаш во животот поминал крај бистата со фудбалска топка, на која пишува „гол, гол… не е гол” и влегол во куќата на сега веќе починатиот Ивко Панговски, се соочил со огромната архива од документи, книги и фотографии, која е уредно сместена по ѕидовите, библиотеките и купиштата од картонски кутии.

Тешко дека некој друг дом во Скопје и во Македонија располага со толкава количина на знаење, кое Ивко макотрпно го складираше буквално до последниот момент од својот живот.

– Тука може да се пронајдат стотици стенограми од тајни седници на Тито со потесното раководство. Големи тајни има во овие кутии. Мојата лична архива ја понудив на Државниот архив, но оттаму не покажаа никаков интерес да ја преземат – ми кажа Ивко, додека јас воодушевено стоев пред купиштата архивски материјал. Ми потшепна и дека во архивата се сочувани и голем број тајни, кои во времето на заедничката држава биле заведени како „строго доверливи”. Наивно му се понудив сето тоа да биде објавено во „Слободен печат”, но тој љубезно ме одби, велејќи дека за тоа ќе може да се пишува јавно само по неговата смрт.

Смртта настапи во средата, кога срцето на најголемиот спортски новинар на Македонија престана да чука. Во неговата биографија ќе прочитате дека со новинарство почнал да се занимава во 1948 година, дека направил илјадници радиопреноси во живо од натпреварите во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка. Ивко Панговски е роден во Галичник во 1931 година. Новинарската кариера ја започнал во весникот „Единство”, а потоа преминал во Радио Скопје, каде што ги остварил најблескавите професионални мигови. Енергичен, возбудлив, интересен, динамичен, со карактеристичен глас и неповторлив пристап во коментирањето, со познавање на играта и тоа што е најбитно, со неповторливо чувство за публиката, која крај радиоприемниците со апсолутна концентрација ги слушаше неговите преноси.

Точно дека по неговиот коментар „гол, гол… не е гол”, тој ќе живее вечно во анегдотите, но и по многу други работи и достигнувања. Во „Слободен печат” сме неизмерно горди што објавивме дел од текстовите посветени на збирката „Најинтересните моменти од историјата на македонскиот фудбал”, кои Ивко вредно ги собираше со години и во кои може да се прочита за згодите и незгодите на поголем број македонски фудбалери, клубови и функционери.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот