Дескоска: Алијансата за Албанците и Беса даваат поддршка СЈО да биде посебен орган во рамки на ЈОРМ

Албанските опозициски партии Алијанса за Албанците и Беса на денешната средба во Собранието со премиерот Зоран Заев и министерката за правда Рената Дескоска изразиле поддршка за опстојување на СЈО како посебен орган во рамки на Јавното обвинителство кое ќе има ефикасни надлежности.

-Генерално од денешната средба е поддршката за СЈО како орган кој ќе има ефикасни надлежности и кој ќе биде посебно обвинителство што всушност е и дел од сегашниот закон. Во делот на начинот на користење на снимките како доказни средства ќе има дополнителни консултации, рече Дескоска по разговорите со Алијансата за Албанците и Беса одржани во насока на обезбедување двотретинско мнозинство за законот за обвинителство.

На новинарско прашање таа рече дека ги разгледале амандманите што ги поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а таргетираат три групи на прашања: статусот на СЈО, доказите и судските постапки кои во моментов ги води СЈО и третата се различни прашања во рамки на законот.

-Сите пораки кои ги добиваме од ЕУ покажуваат дека СЈО треба да биде посебно обвинителство во системот на јавно обвинителство, значи не нивно претопување, се пораки кои ги слушаат и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ. Јас очекувам дека и покрај амандманите што денеска ќе ги разгледуваме на попладневната средба, ќе ги имаат предвид и укажувањата што денеска беа повторени и од страна на амбасадорот на ЕУ, со цел да создадеме решение кое ќе добие позитивна оценка од Брисел, и ќе биде компатибилно со европските препораки. Носење на закон кој ќе задоволи било чии лични интереси не може да биде прифатен, рече министерката Дескоска.

Таа посочи дека во однос на користењето на материјали во законот е направено разликување на предметите кои се покренати во рокот од 18 месеци, а во другиот период аудио-снимките ќе се обработуваат и ќе се користат како докази и ќе се оди на суд.

-Кој било предлог или амандман што е доставен и кој бара затворање на сите предмети после првите 18 месеци е нешто што не може да биде прифатено, рече Дескоска.

Таа очекува согласно укажувањата на ЕУ, овој закон да биде донесен во најкус можен рок, бидејќи се затвора извештајот на ЕК за нашата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот