Латас си поднесе оставка од функцијата главен и одговорен уредник на телевизија Сител
Драган Павловиќ Латас денеска ја поднесе оставката на функцијата Главен и одговорен уредник во ТВ Сител.
„Оставата ја поднесувам со цел – заштита од понатамошни притисоци кон мене како новинар и кон медиумот во кој работам“, објаснува тој во неговото соопштение до медиумите.
На оваа функција во ТВ Сител Латас бил од мај 1997 година до денес.
-За тој период ТВ Сител израсна во водечки медиум во Македонија, препознатлив по својот стил, со свој карактер и школа од која излегоа најголем дел од денес релевантните новинари во државата, каде е создадена семејна атмосфера на соработка исполнета со меѓусебна доверба, заедничка посветеност на работата и професионалните стандарди. За тоа време ТВ Сител изгради свој идентитет забележан и почитуван не само во Македонија, туку и во регионот.
Како новинар со најголема продукција меѓу денешните професионални новинари, со пет награди за новинар на годината и внимание добиено од публиката и јавноста благодарен сум на ТВ Сител за укажаната можност како главен и одговорен уредник да предводам медиум и тим со кој се гордеам.
ТВ Сител е мое животно дело, трага која е неизбршлива и секојдневно видлива.
Продолжувам со својот професионален ангажман во ТВ Сител и понатаму, како новинар и како Извршен продуцент кој има задача да се грижи за создавање и продукција на сопствената програма на ТВ Сител, стои во соопштението на Латас.