Ван Гал: И овој Јунајтед е далеку од тоа што го форсираше Фергусон
Луис Ван Гал го предводеше Манчестер јунајтед од 2014 до 2016 година и тоа му беше последен клуб во тренерската кариера. За време на престојот во славниот англиски тим, тој освои само еден трофеј, тој во ФА купот во 2016 година.
– Тоа ми е најголем успех во кариерата бидејќи освоив трофеј иако околу вратот шест месеци ми висеше јамка – вели Ван Гал.
Англиските медиуми и навивачи го обвинуваат дека екипата под негово водство играла дефанзивен фудбал. Неговиот аргумент е дека тимот играше напаѓачки фудбал, но резултатите изостанале поради недоволно квалитетниот ростер.
– Мурињо смени сè воведувајќи тактика „паркирај го автобусот“ и се играше само на контранапади. Сега го имате Солскјер кој игра на речиси идентичен начин, а единствена разлика е што сега екипата победува. Исто така важно е што Солскјер ја промени позицијата на Погба и го постави таму каде што се чувствува многу подобро. Во секој случај ниту овој Јунајтед не игра приближно на тоа што го форсираше сер Алекс Фергусон – изјави Ван Гал.
Холанѓанецот смета дека Барселона не е најдобра екипа во Лигата на шампионите и поголеми шанси да дојдат до трофејот во елитното натпреварување имаат Манчестер сити и Ливерпул.
– Сите мислат дека Барселона е најдобра, но не е. Манчестер сити и Ливерпул се подобри од каталонскиот тим, а Ливерпул е многу поголем тим од „граѓаните“ – смета Холанѓанецот.