
Зошто терминално болен пациент бил испишан од болница без обезбеден превоз?!
Министерството за здравство во соопштение информира дека пациентот кој беше транспортиран со екипа на брзата помош од Струга која пиеше кафе на бензинска пумпа, бил во терминална фаза од болеста а застанувањето на бензинската било на барање на ќерката, која цел ден ниту јадела ниту пиела, благодарение на тоа што се обидувала да најде санитетско возило за превоз од Скопје до Струга, бидејќи болницата што го испишала пациентот, го оставила да биде транспортиран со сопствено возило, без да обезбеди санитетски превоз.
Препорачано
Министерството тврди дека превозот со свое возило бил „на барање на ќерката“ но јасно е дефинирано дека превоз од една до друга здравствена установа се врши со санитетско возило, особено за терминални пациенти, каков што бил и овој пациент, а за кој како што веќе објавивме, три дена по овој неетички транспорт – починал.
„ Тој и неговата ќерка тргнале сами на нивно барање, со сопствен превоз. Меѓутоа, кога стигнале до излезот на градот, ќерката сфатила дека нема да може сама и се јавила во Здравствен дом Струга. Оттаму обезбедиле возило кое за кратко време пристигнало. Кога дошло возилото, ќерката на свое барање, бидејќи ништо немала испиено и јадено цел ден, ги замолила да застанат. Татко ѝ бил свесен и контактибилен во текот на целиот ден. Оваа информација во целост ја потврди ќерката на пациентот. И покрај тоа што таа барала, не е дозволено застанување на Брзата помош на таков начин и Министерството за здравство покрена инспекциски надзор и побара изјаснување од страна на директорот на Здравствен дом Струга. По наодите ќе се преземат соодветни мерки“, велат од Министерството.