
ЗНАМ ќе ја прифати резолуцијата на СДСМ со „црвените линии“, најави Максим Димитриевски
Првиот човек на ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, во интервју за „Канал 5“ изјави дека владејачката партија ќе ја прифати „националната платформа што ја предлага лидерот на СДСМ Венко Филипче“ во врска со спорот со Бугарија и ЕУ-интеграцијата на земјава. Но, рече Димитриевски, прифаќањето ќе важи во случај „да не биде како со ‘францускиот предлог’, туку национално да не се подгазиме по ниедна основа како нација и да не го загрозиме нашиот јазик, идентитет, култура, континуитет и самобитност“.
Препорачано
Во интервјуто Димитриевски се осврна и на 17-те месеци работа на Владата во која ЗНАМ е коалициски партнер. Во однос на застојот во реформите во правосудството, ресор што го води министер од неговата партија, Димитриевски рече дека Игор Филков подготвил 22 закони, но, рече, „законите не ги носи министерот, туку Собранието, а претходно поминуваат во владина постапка“.
-Ако ги следите неговите изјави, ќе видите колку закони се пуштени во владина процедура. Но, не може да биде нешто завршено за една и пол година што претходно не било завршено за цели осум или девет години. Измените во Кривичниот законик направени за 48 часа денеска нè доведоа до ситуација да имаме еден куп со направени кривични дела, а притоа со истиот закон се амнестирани и не можете да ги видите пред лицето на правдата. Што се однесува до Кривичниот законик, и тој е подготвен, неколку пати е разгледуван во Владата, последната изјава на премиерот, сепак неговиот збор е конечен во Владата, беше дека мора да го додефинираме членот за злоупотреба на службена положба, рече лидерот на ЗНАМ.
Димитриевски уште еднаш повтори дека и во случај на предвремени парламентарни избори, ЗНАМ нема да учествува во Влада во која би влегла и Демократската унија за интеграција, „додека таа партија не се реформира“, а тоа значи, според градоначалникот на Куманово и лидер на ЗНАМ, да го отстрани актуелното раководство.