Златна лига: Подоброто реноме наметнува победнички императив против Азербејџан

фото: vfmkd.org.mk

По струмичкиот турнир и двата порази од Естонија (1:3) и Чешка (0:3), најдобрите македонски одбојкари се подготвуваат за следните два меча во Европската златна лига. Во Беверен избраниците на селекторот Хари Наковски в сабота ќе играат против Азербејџан, а в недела противник е домаќинот Белгија.

И двете селекции забележаа по два порази што е идентичен ефект како нашиот национален состав. Како што најавуваат од македонскиот табор, акцентот во овие денови од подготовките е ставен на Азербејџан со оглед дека има полош рејтинг од нас. Оттука, доколку го оправдаме реномето против Азербејџанците, речиси ќе биде сигурно дека ќе го повториме пласманот од ланското издание на Европската златна лига кога бевме 11-ти, а секако ќе ја задржиме можноста и за скалило погоре.

Во елитното натпреварување на ЦЕВ нема лесни победи без разлика кој е на другата страна на мрежата. Азербејџан не освои ниту сет на домашен терен против Романија и против Украина, а во сите освен во еден, резултатот беше убедлив. Но тоа не мора да значи ништо знаејќи каков е квалитетот на ривалите. Затоа селекторот Наковски деновиве инсистираше на поправање на приемот, затоа што тој елемент ќе биде клуч за нашето издание на двата меча во Беверен.

Доколку се подобриме, ќе ги зголемиме нашите шанси и во соочувањето со Белгијците кои загубија со 3:1 од Хрватска, а со 3:0 од Финска, но за разлика од Азербејџан, одигра многу потесни натпревари на турнирот во Тампере.

Во составот на Македонија нема промени, што значи дека Тоше Ефремов и Кристијан Илиев нема да патуваат за Беверен. Наковски ќе се потпре на истиот кадровски потенцијал, а можно е да има промени за патувањето во Осиек иако тоа нема да влијае на нашите изданија на теренот. Најважно е македонските одбојкари да го задржат позитивниот дух по поразите од Естонија и од Чешка и во мечот со Азербејџан да влезат со потребна доза самодоверба. Концентрацијата во секој поен и дисциплината во играта се подразбираат иако ниту еден детал нема да биде доведен во прашање доколку го решиме приемот.

Распоред на натпревари во Европска златна лига 2024:

17.05.2024 (Струмица):Естонија – МАКЕДОНИЈА 3:1 (25:23, 14:25, 25:19, 25:22)

18.05.2024 (Струмица): Чешка – Естонија 3:0 (25:22, 25:20, 25:16)

19.05.2024 (Струмица): МАКЕДОНИЈА – Чешка 0:3 (16:25, 15:25, 16:25)

25.05.2024 (Беверен, 17.30): МАКЕДОНИЈА – Азербејџан

26.06.2024 (Беверен, 15.00): Белгија – МАКЕДОНИЈА

31.05.2024 (Осиек, 19.00): МАКЕДОНИЈА – Хрватска

01.06.2024 (Осиек, 19.00): Шпанија – МАКЕДОНИЈА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот