Жители на Тетово се плашат да излезат од дома поради напади од кучиња скитници

Фото: Слободен печат

Сашко Димевски живее на булеварот „Маршал Тито“ во Тетово. Вели дека за една недела два пати е нападнат од кучиња скитници во неговото маало.

Особено е ризична ситуацијата кога излегува со своето куче. Сите во нашето мало стравуваме од глутницата кучиња, сме се обратиле до властите, но бадијала, вели тој.

„Имам едно мое куче, секој ден излегувам со него и кучињата скитници ме напаѓаат. Пуштив жалба до Општина Тетово, но ми велат не можеме сега зафатени сме, да видиме наредната недела. Не знам дали ова може некако да стигне до градоначалникот да се реши овој случај. Да се остранат некако кучињата од ова мало оти тука има и доста деца мали, ресторани и слично. Во страв живееме не е сигурно за живеење“, вели Димевски.

Во меѓувреме кучињата-скитници низ Тетово ги има во сѐ поголем број. Тие се во речиси секое тетовско маало, а нападите врз граѓаните се секојдневие. Полициските билтени се преполни со вакви информации.

„Ако не го решат овој проблем нека дојде градоначалникот ќе му го дадам моето куче нека се прошета тој и да видиме тој дали ќе биде нападнат, ова не е дрско, но нека преземат нешто барем, сето ова нека стигне до него нека дојде тука и самиот нека се увери дека ќе биде нападнат. Два пати во рок од една недела сум нападнат, сега моментално сум под стрес. Благодарам што ми овозможивте преку вас овој проблем да стигне до надлежните. Некои кучиња не се кастрирани и тие се повеќе агресивни, тука е опасно и покрај пензионерски дом е опасно околу пазарот каде кучињата се во потрага по храна. Не дај боже со милениче да поминете ќе бидете нападнати“, вели Сашко.

Моментално Општината не презема никакви акции за згрижување на бездомните кучиња.

Пред неколку месеци заврши акцијата за заловување на кучиња скитници низ Тетово од страна на Здружението „Амос шелтер“, кое залови и згрижи 84 бездомни животни, а претпоставките се дека низ Тетово има над 500 улични кучиња.

Од локалните власти нема најави дали ќе се продолжи со ваквите акции низ градот.

Но, не само бездомните, деновиве и расни кучиња сеат страв низ тетовските улици и другите јавни места. Извори од општината за „Слободен печат“ велат дека несовесни граѓани пуштиле на улица неколку свои расни кучиња, од кои дел се агресивни и опасни, а екипи на општината деновиве се на терен со цел да ги заловат.

Расни кучиња, дел од нив агресивни, пуштени низ Тетово – општината во акција да ги залови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот