Жената која прегази 11-годишно момче ѝ испрати полиција на новинарката Вики Клинчарова
Полициски службеници од Неготино денеска ѝ дошле на домашна адреса на новинарката Вики Клинчарова од „Фокус“ за да одржат службен разговор, односно да ја известат за поплака од страна на жената која на 8 август годинава удри 11-годишно дете со автомобил на ул. „Маршал Тито“ во Неготино, објави „Фокус“.
Имено, жената побарала од полициските службеници да ја предупредат новинарката бидејќи, според неа, Клинчарова објавила текст со невистинита содржина за конкретниот инцидент.
Здружението на новинари на Македонија излезе со своја реакција, нарекувајќи ја оваа постапка на МВР – непримерна, несоодветна и непотребна.
„ЗНМ смета дека постапката на МВР да се предупредуваат новинари поради објавен текст е непримерна, несоодветна и непотребна, бидејќи на тој начин се врши притисок врз слободата на изразување на новинарите. Бараме одговорност од полициските службеници кои ги злоупотребиле своите овластувања да одговараат за истите, односно против нив да биде поведена дисциплинска постапка.
ЗНМ ќе поднесе претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, со што ќе се бара одговорност за прекршување на полициските овластувања. Очекуваме во најкус можен рок да бидат санкционирани одговорните лица“, стои во нивното соопштение до јавноста.