Желба за повеќе бебиња во Годината на зајакот

Празнична атмосфера во Шангај - маски и насмеани зајци - Фотографија ЕПА, Алекс Плавевски

Демографите стравуваат дека бројот на жители ќе биде помал во споредба со претходната година, што би било прв таков случај во Кина по Големиот глад во 1961 година

Повеќето Кинези чувствуваат празнична возбуда. Оптимизмот зрачи од сите агли, ѕидови и билборди, во форма на насмеани зајаци што ја најавуваат новата лунарна година.
Властите се надеваат дека Годината на зајакот ќе придонесе за запирање на демографската криза. Стресот и траумите од мерките против пандемијата во изминатите три години обесхрабрија многу млади двојки да го прошират семејството. Потенцијалните мајки се вознемирени од приказните дека лекарите и медицинските сестри биле презафатени за да им посветат повеќе време на родилките и на бебињата.

– Слушнав дека породувањето во државна болница е ужас. Во такви услови не размислувам да имам бебе – вели за Ројтерс 31-годишната Џанг.

Официјалните податоци за популацијата на Кина во 2022 година треба да бидат објавени утре. Демографите стравуваат дека бројот на жители ќе биде помал во споредба со претходната година, што би било прв таков случај во Кина по Големиот глад во 1961 година.

Во 2021 година во Кина биле родени 10,6 милиони бебиња, што беше 11,5 отсто помалку во споредба со 2020 година. Се претпоставува дека во минатата година биле родени помалку од 10 милиони.

– Намалувањето на населението би било историски пресврт. Кина влегува во долг и неповратен процес на намалување на населението, прв пат во својата историја – предупредува Ванг Фенг, професор по социологија на Универзитетот на Калифорнија.

Тој објаснува дека ако ваквиот тренд продолжи, за помалку од 80 години Кина би можела да изгуби 55 отсто од населението.

– Таква Кина би била непрепознатлива – вели Ванг.

Кина во април или во мај повеќе нема да биде најнаселена земја во светот, препуштајќи ја таа позиција на Индија. Експерти од Обединетите нации предупредуваат дека до 2050 година Кина би можела да изгуби 109 милиони жители. Стапката на бебиња на секоја жена во Кина во 2022 година беше 1,18, а за одржување стабилна популација потребна е да биде барем 2,1. Овој тренд е последица на политиката „едно дете“ што беше наметнувана од 1980 до 2015 година. Властите во Пекинг сега ги охрабруваат младите двојки да имаат по три деца.

Претседателот Сји Ѓинпинг во октомври побара од владата да изготви нови политики за популациска стабилизација за да не се преоптовари економијата со огромен број пензионери и значително помалку работници што би го полнеле буџетот. Како илустрација за актуелната ситуација, бројот на пребарувања на интернет за бебешки колички се намалил за 41 отсто во изминатите четири години, а за домови за згрижување стари лица се зголемил осум пати само во 2022 година. Демографот Ји Фусјиан вели дека во 2050 година секој трет жител на Кина ќе биде пензионер. Во 1980 година само 5 отсто од жителите биле повозрасни од 65 години.

– Стареењето ја забавува економијата, ги намалува примањата и го зголемува јавниот долг. Кина старее побрзо отколку што може да се збогати – предупредува Ји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот