Зелената агенда стана „гнила вишна“

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

„По министер за одбрана Албанец, по министер за надворешни работи Албанец, по претседател на Собрание Албанец, на следните парламентарни избори последните 100 дена влегуваме со премиер Албанец. Наредно е претседател на држава да биде Албанец. Ние се движиме кон визиите, кон иднината што ја подготвивме и се разбира, пред една година ја фрлив ‘бомбата’ за албанскиот премиер, па потоа втората ‘бомба’ за зелената агенда. Ова е добро изработен и проучен проект, таа е агендата на времето“, порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на понеделничкиот митинг во Чаир.

Таман помисливме дека ДУИ се ребрендира, станува зелена и европска партија, нејзиниот лидер нè шокира. Каква нова политика, каков нов бренд, какви бакрачи.

Што стана со новиот начин на водење политика, што го најави Ахмети пред почетокот на кампањата за локалните избори? Кај исчезна фокусот на неговите сопартијци посветен „целосно на квалитетот на животот, условите за живот, развојот, квалитетно образование и здравство, неселективна правда, дигитализација, социјални политики, инфраструктура, економија и животна средина“?

Кога првиот интегративец ја најави зелената агенда, дури и премиерот Заев беше позитивно изненаден од ребрендирањето на својот коалициски партнер. Заев го поздрави потегот на Ахмети да ја напушти етничката агенда, во смисла да работи само на унапредувањето на правата на Албанците, и акцентот на своето делување „да го стави на зелената агенда, каква што е и на владата, од која бенефит ќе имаат сите граѓани независно од етничката припадност“.

Но, очигледно Ахмети не е визионер како што многумина го замислуваат. Тој никако не може да се ослободи од етничкиот и националистичкиот наратив во политиката. Наместо на митинзите на ДУИ да слушаме за нови и модерни проекти за зелена иднина, за почист воздух, за почиста животна средина, работи со кои неговите градоначалници не можат баш да се пофалат, Ахмети на гласачкото тело му мачка очи со идеја стара 10 години. Ќе барал Албанец за претседател. А како би можел тоа да го постигне? Се разбира, со барањето за менување на Уставот, шефот на државата да се избира во Собрание со политички договор. И ова не е нешто ново и непознато. Ахмети бараше законски измени за начинот на избор на претседател на државата уште во 2011 година.

Зошто токму сега Ахмети ја воскреснува оваа идеја? Колку е тој сериозен во оваа намера или пак само сака да ја дефокусира јавноста од локалните проблеми со кои се соочуваат жителите на општините со кои управува ДУИ? Кога нема конкретни решенија, Ахмети не храни со национализам.

Ме интересира, како претседателот Албанец ќе помогне во уривањето на дивоградбите во Струга или, пак, како тој ќе го исчисти ѓубрето во Тетово, дали ќе го симне Тетово од листата најзагадени градови? Како претседателот Албанец ќе ги задржи младите во Дебар, Кичево, Струга, Тетово… дали ќе им отвори нови работни места? Ова се прашањата кои ги интересираат граѓаните. А истите тие граѓани на непосредни избори ќе одлучат кој ќе им биде претседател. Како што всушност порача и премиерот Заев, тој момент сите ќе сакаме да го дочекаме, претседателот да биде пред се афирмирана личност, граѓанин, без разлика на својата етничка определба, кој ќе го изберат мнозинството граѓани во државата, а не Ахмети и неговите пајташи со користење уцени и политички договори.

Се додека Ахмети не ги напушти ваквите понуди, се додека не размислува европски и граѓански, се дотогаш ќе остане закопан длабоко во своите партиски и националистички ровови. Зелената агенда брзо му се претвори во „гнила вишна“, која само што не скапала целосно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот