
Зелен хуман град: Претстојниот ГУП на Град Скопје е пресуден плански документ, неопходен е што поотворен процес
Јавните дискусии мора да се закажуваат вон работно време и не во периодот на одмори и притоа, не е доволно да се водат општи дискусии по четврти, неопходни се и тематски работилници за креирање визија за Скопје, за одржлива мобилност, за екологија, зелена инфраструктура и слично.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ова е ставот на „Зелен хуман град“ откако Град Скопје најави дела следната недела започнува со јавни дискусии со граѓаните од Ѓорче Петров во врска со подготовката на новиот Генерален урбанистички план. Сепак, од ЗХГ ја поздравуваат одлуката на Градот да почне процес за граѓанска партиципација.
Оттаму потсетуваат дека на крајот на 2022 година, успеале да издејствуваат буџетски средства за 6 тематски работилници кои досега не се одржани, иако, според нив, преку тематски работилници најдобро можат да се презентираат идеите и визијата по конкретни области и да се земе предвид целата слика, зошто ГУП е план за цел град, не е регулациски план за четврт.
Планирањето на Скопје мора да биде партиципативно и мора да ги одразува приоритетите на скопјани. Само така може да биде алатка за намалување и неутрализација на последиците од климатската криза, за намалување на загадувањето. Само рамномерно и праведно развиван град може да биде град за сите луѓе, град по мерка на неговите жители – велат од ЗХГ.
Град Скопје организира јавна дискусија со граѓаните од Ѓорче Петров за новиот ГУП
Како што укажуваат, градењето згради над капацитетот на просторот и на природните ресурси со кои Скопје располага, предизвикаа градот да се соочи со опасност да ги изгуби единствените извори на пивка вода.
Претстојниот ГУП на Град Скопје е пресуден плански документ и ако сакаме да изработиме квалитетен план со кој ќе си ги заштитиме здравјето и животите, неопходно е што поширока консултација, што поотворен процес и што поголема делотворна вклученост на сите засегнати страни. Да не дозволиме Скопје да биде пластелин во рацете на крупниот капитал – нагласуваат од граѓанската иницијатива.