Заев за „Тигрите“: Синоним за професионалност, за максимална храброст и подготвени за секој предизвик

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Зоран Заев во касарната „Илинден“ во Скопје се обрати на свеченоста по повод 40-годишнината од формирањето на специјалната полициска единица „Тигри“.

-Денеска Специјалната Антитерористичка Единица, популарно позната како „Тигар“, одбележува 40 години од своето постоење. Тоа е сериозна годишнина достојна за прослава со сите највисоки почести бидејќи Специјалната Антитерористичка Единица денес е синоним за обученост според највисоки стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и високиот насилен криминал. Синоним за професионалност, за максимална храброст и подготвена да се спротивстави на каков и да е предизвик со кој е доведена во прашање безбедноста на земјата и граѓаните. За разлика од сите досегашни јубилеи, годинава, оваа значајна годишнина е посебно брендирана со нашето полноправно членство во НАТО од што произлегуваат и заедничките безбедносни интереси со сите со земјите членки, нагласи премиерот Заев на свеченоста пред највисоките претставници на Владата, на Министерството за внатрешни работи, на останатите агенции и служби од безбедносниот сектор, како и високите гости од дипломатскиот кор и семејствата на повеќе генерации на припадниците на Специјалната Антитерористичка Единица.

Премиерот потенцираше дека Специјалната Антитерористичка Единица која е оспособена во борбата со насилниот екстремизам и тероризам да спроведува највисоките борбено-технички вештини има значајно место откако Република Северна Македонија стана членка на НАТО и на глобалната коалиција за борба против тероризмот.

-Борбата против тероризмот, радикализацијата и насилниот екстремизам и заштитата на националната безбедност и безбедноста на сите граѓани на нашата земја се во врвот на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија, а оваа единица е еден од гарантите на овој приоритет.  Промените низ нејзиниот историски развој биле последица на современите безбедносни предизвици со кои се соочувало општеството, па така и последната нејзина трансформација во Специјална антитерористичка единица е производ од потребата на прилагодување на нашиот безбедносен систем кон новите предизвици за борба против глобалниот тероризам како закана на нашето време, рече Заев пред присутните.

Осврнувајќи се на формирањето на единицата, Заев нагласи дека нејзиниот раст и развој од 1981 до 2021 година, од Станица на милиција за извршување специјални задачи, преку Единица за специјални задачи, до она што претставува денес, современа Специјална антитерористичка единица на земја членка на НАТО алијансата, доволно говори за трансформацијата на единицата во согласност со усовршувањето и адаптирањето на безбедносниот систем на нашата земја.

-И внатре, во самата едница растеа и се усовршуваа критериумите и стандардите. Секој припадник на оваа единица е апсолутно свесен какви ознаки носи на својата униформа и дека таа чест и привилегија од секој нејзин припадник бара крајно високи и специфични вештини и етика. Радува и фактот што овие високи критериуми и стандарди се силна мотивација за многу младите луѓе кои имаат амбиции да станат дел од оваа единица на Министерството за внатрешни работи. Тој факт импонира, но и обврзува. Токму поради тоа Владата секогаш ќе го поддржува Министертвото за внатрешни работи во континуитет да вложува во развојот на Единицата за постојана динамична надградба на секој нејзин дел, нагласи премиерот.

Тој е убеден дека реорганизираната и модернизирана Специјална антитерористичка единица – Тигар ќе го продолжи трасираниот четириесет годишен пат на високо мотивирана, врвно организирана и подготвена служба, и заедно со сите останати сегменти на  безбедносниот систем ќе остане гарант за мирот и безбедноста на граѓаните и за заштитата на уставниот поредок на државата.

-Оваа свеченост и вашата едница денеска испраќаат силна порака дека Република Северна Македонија има капацитетни формации и добро подготвен и функционален систем на национална безбедност за борба против сите облици на криминал, а особено за борба против тероризмот, нагласи Заев во обраќањето до припадниците на „Тигрите“.

ВО ЖИВО: Одбележување на 40-годишнината од формирањето на единицата „Тигар”

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот