Заев: Уште 10 блокади и 100 ултиматуми да има, за јазикот и идентитетот ниту ќе разговараме, ниту ќе преговараме

За македонскиот идентитет и јазик ниту се разговарало и преговарало ниту ќе се разговара и преговара. Може да добиеме уште 100 ултиматуми, уште 10 пати вето и блокада, но на тие прашања нема да разговараме. Јас очекувам од Бугарија чисто признавање на македонскиот идентитет и јазик, рече попладнево премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието од пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

– Тврдиме дека членство во ЕУ која не ни признава и прифаќа македонски јазик и идентитет не ни треба. Ние не веруваме во таква ЕУ, нагласи Заев, додавајќи дека со бугарската страна креираат идеи да најдат решение.

Тој верува дека со Бугарија ќе се најде решение затоа што, како што рече, „докажавме дека можеме да постигнеме“. Ја повика опозицијата да работат заедно за, како што посочи, да го дуплираат успехот.

На прашањето „зошто го смениле Александар Литовски од историската комисија“, Заев одговори дека „тој не бил сменет, туку му завршил договорот“ и тој, како што вели Заев, „поради идни семејни предизвици на кои сака да се посвети не сака да биде продолжен неговиот договор“.

– Влијание врз комисијата, тврдам, ниту имало, ниту ќе има и не смее да има затоа што таа Комисија е составена од професионалци. Ние политичарите не сме и затоа наш став е историјата да ја оставиме на историчарите. Ги охрабруваме да продолжат да решаваат, нагласи Заев.

Пратеничката Ласовска побара да изгласаат Декларација, како и Бугарија, и тоа, како што рече, да биде појдовна точка за преговори. На тој начин, посочи Ласовска, ќе ја олесниме работата на Комисијата и ќе нема потреба потоа од оставки од нејзините членови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот