Заев-Тигањ: Од ЕУ очекуваме да ги почитува нашиот македонски идентитет и македонски јазик

Заев Тигањ

Северна Македонија останува посветена на дијалогот и со новата влада на Бугарија ќе биде постигната согласност за надминување на актуелната ситуација и за имплементацијата на Договорот за добрососедство и пријателство. Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев на средбата со хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, осврнувајќи се на прашњето со Бугарија.

-Ги почитуваме сите различни европски идентитети и јазици, и подеднакво очекуваме да се почитува и нашиот македонски идентитет и македонски јазик. Тоа е европска вредност и од земјите членки на ЕУ бараме да опстанат на европските вредности, рече на средбата премиерот Заев.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, хрватската амбасадорка ја пренесе благодарноста на државниот врв и на народот на оваа земја за брзата помош и поддршка за граѓаните на Хрватска кои беа погодени од силниот земјотрес.

Амбасадорката Тигањ ги пренесе личните поздрави од премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ до премиерот Заев придружени со очекување за интензивирање и дополнително динамизирање на веќе одличната соработка помеѓу двете земји.

Заев се заблагодари за поздравите на премиерот Пленковиќ, и изрази надеж дека наскоро ќе биде реализирана неговата посета на нашата земја која минатата година беше одложена поради ситуацијата со пандемијата, како и очекувањето што поскоро да има и заедничка седница на двете влади.

На средбата беше нагласено дека е заеднички интерес евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија во ЕУ да добие забрзана динамика уште за време на актуелното претседателство на Португалија за да се создадат услови за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Амбасадорката Тигањ изрази огромно задоволство од можноста припадниците на хрватската заедница во Северна Македонија во пописот да го истакнат својот национален идентитет, како и задоволството од потпишувањето на договорот помеѓу Националната радиотелевизија на Северна Македонија и Хрватската телевизија за размена на програмски содржини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот