Заеднички ликовни спознанија на Спаско Перовски и Трајче Чатмов се изложени во Гостивар

Заедничка изложба со наслов „Од спознанието до…“ на ликовните уметници Спаско Перовски и Трајче Чатмов од 9 до 19 декември ќе биде поставена во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар.

Спаско Перовски (1971, Велес) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1997, под менторство на проф. Рубенс Корубин, додека Трајче Чатмов (1971, Скопје) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1996 година, под менторство на проф. Рубенс Корубин, а постдипломски студии завршил 1998/9, под менторство на проф. Родољуб Анастасов. Годината на раѓање и истиот ментор само формално ги поврзува двајцата автори.

– Изложбата на која се претставени Трајче Чатмов и Спаско Перовски носи наслов „Од спознанието до…“, при што трите точки на крајот тенденциозно оставаат простор за различни исчитувања, како што се различни сензибилитетите и авторскиот ракопис на двајцата уметници.

Спасе Перовски издвојува фрагменти од животот, ги сецира на рамниште на микроуниверзуми со аморфни, накај кружни до строго геометриски форми и ги претставува во најчесто смирен земјен тоналитет (со контрасти на сина) врз монохромна позадина, до фрагменти на актови и фигурација.

Сликите на Трајче Чатмов, пак, изобилуваат со сложени композиции со експресивна динамика и нагласен колорит во вриеж од разнобојни линии кои ја дефинираат формата на фигурите и нарацијата, која се движи од интимни моменти до митолошки и религиозни сцени.

Впрочем, од формално гледиште, веројатно единствената нитка која ги поврзува двајцата уметници и пријатели веројатно е (с)познанието, односно познавањето од најрана возраст, при што секој е засебен и различен еден од друг во креативните процеси според Аристотеловата изрека „Спознанието на себе си е почеток на сета мудрост“ – напиша историчарката на уметност Маја Чанкуловска-Михајловска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 158, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот